Литература

10 книги со дејство во Скопје

Подолу можете да погледнете листа од 10 романи чие дејствие се случува во Скопје.

Цена од Ново Маало – Владимир Плавевски

Сторијата за “Цена од Ново Маало” е една животописна слика на едно време (од детството на Плавевски), каде во скопското Ново Маало владее закон на посилниот, но и зборот е збор, приказната е приказна, сонот е сон, матното време се бои со чистина…, како што некогаш Вардар бил чист!… но и неодоливо потсетува на не така дамнешни, па дури и некои сегашни состојби и времиња… Едноставно Плавевски нуди една стамена веродостојна интересна приказна за (не)времето…

Марта – Горјан Петревски

Романот „Марта“ е дело на Македоскиот писател Горјан Петревски.

Нашиот живот е миговна игра, игра во која ние сме показателите на патот. Но какви и да сме, не мораме никому и со ништо да покажуваме кои сме. Тие сме што сме, совршен израз на единството на животот. Талкајќи по среќата, се сопнуваме на места навидум лесни за помин, а всушност тешки за совладување. Вистинскиот приказ на животот можеме да го видиме токму во овој роман. Роман кој е огледало во кое секој од нас се гледа, се препознава.

Марта. Која е таа Марта? Израз на детско срце со премногу болка во својата душа, премногу мечти и тага за такво девојче со анѓелско лице. Срце во кое за секој има место, срце на кое не му е потребно ништо друго, освен татковска љубов за да биде цело.

Таа е девојче во кое има надеж, девојче кое знае што е добро а што не, но девојче кое од преголема желба се заплеткува во стапицата од животот. Како брод кој е среде морската шир, изгубен во целата таа еднолична глетка, така и Марта ќе го изгуби својот правец, ќе ја изгуби насоката по која треба да се движи.

Изгубена во своите чувства не ќе може да сфати што прави и дали е тоа она вистинското. Испреплетена во пајаковата мрежа на животот, таа се бара себеси и својот живот во животот на другите. Можеби овој роман е дел од програмата по македонски јазик за седмо одделение, но ниту малку не е роман кој покажува несериозност, лежерност…

Напротив, тоа е роман кој има своја длабочина, онаа која е осудена да ги чека своите нуркачи, оние кои ќе го пронајдат најскапоцениот бисер, меѓу купот школки.

Зора зад аголот – Димитар Солев

Зора зад аголот“ – роман од македонскиот писател Димитар Солев. Првото печатено издание било објавено во 1984 година.

Жанровски погледнато, ова романескно остварување припаѓа на т.н. „модернистичка струја“ во современата македонска книжевност. Стилот на пишување е исплетен со благ хумор и иронија, преку кои авторот имал намера не да ги жигоса, туку да ги разобличи лажните политички, социјални и морални вредности. Главните ликови се луѓе од секојдневието, чии анонимни животни драми се уметнички обработени и преку нив на уникатен начин е претставена тогашната градска атмосфера и менталитетот на скопјани.

Прочитајте и...  Скопје ќе добие парк со праисторски животни - почнува изградбата на „Дино парк“

Собирачи на пепел – Давор Стојановски

Собирачи на пепел – роман на македонскиот писател Давор Стојановски од 2016 година, добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“.

Романот е раскажан во прво лице еднина, а главниот јунак е млад бонвиван, страстен учесник во ноќниот живот на градот и кој често ги менува сексуалните партнерки. Истовремено, тој е молчелив, лиричен, рефлексивен и летаргичен. Тој носи огромен револт кон светот околу себе, но не го искажува гласно, но затоа не го инетресираат вообичаените нешта, како: бракот, семејството, работата итн. Во романот се опишува еден долг ден во животот на главниот јунак, во кој тој се навраќања во сеќавањето и така оживува разни случки од минатото. Неговиот ден започнува така што тој оди на погреб, по што талка низ градот и на крајот завршува како натрапник во една куќа, барајќи тоалет. Преминувајќи го Вардар, нему му текнува дека постојат два збора за река во францускиот јазик, па така почнува приказната за неговата свршувачка со една Французинка. Подоцна, на прославата на годишнината од матурата, тој се сеќава на пријателката од училишните денови, која во меѓувреме се отселила во Франција.

Одбројување – Фросина Пармакоска

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“ (2014, Или-Или) влезе во финале за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. „Одбројување“ е нејзин трет роман.

Токму во тој темен агол од собата каде што си постојав уште малку откако овие двете заминаа, ми се крена една огромна завеса, како простум да сонувам, и пред мене се појави цела сцена. На неа имаше полн декор, предмети испорасфрлани навидум безредно, кои беше тешко да се идентификуваат, наликуваа на темни партали во купишта оставени кај се нашле, а на средината на таквото необично окружување стоеше мојот маж замислен. Тој не ги гледаше парталите околу себе, но тие се кренаа, се движеа, веќе земаа и форми како сеништа кои кружеа околу него во поголем радиус, а тој сѐ уште не ги гледаше, не ги слушаше ниту кога се приближија сосем блиску до него, а испуштаа звуци на ветер и продолжуваа да кружат околу него сѐ додека едно по едно, а ги имаше повеќе од стотина, не влегоа во него и така исчезнуваа, во него, сѐ до последното кога тој седна омалаксан на празната сцена и заспа сосе многуте посетители во себе или, којзнае, можеби тие не спиеја.

Вишнова Хроника – Фросина Пармаковска

Ми даде да го допирам местото кај што најверојатно беше бебето, мојата рака врз стомакот кај што е бебето и врз мојата рака раката на Тинка, неверојатно, тогаш, таму под мекото зимско џемперче на Тинка почувствував живот, никакви движења немаше, ама почувствував дека има живот и дека тој може да е убав. Дека има време додека да се случи тоа, но дека, сепак, може да се случи. Тинка ме бакнуваше во челото и во косата, како јас да ù бев бебето што ќе се роди, а пред да замине, попатно и сосем без никаква намера, ме праша што биднало со онаа девојка од детството, девојката што ме опседнувала, дали сум исконтактирал со неа или дали можеби сум ја видел некогаш пак. Тогаш за миг за мене застана сè, тогаш кога Тинка го кажа тоа, за мене исчезна сè, и тогаш пред мене се појави цел еден нов хоризонт, нова можност, нова претпоставка за живот, за нов живот, или за живот одново, повторно. Тогаш ја видов шансата дека можеби ќе преболам сè што се случи, дека има шанси повторно да живеам, ама среќен, не колку да го протуркам денот, да имам насади, нека се и помалку за почеток, полни со вишни и куќичка кај што ќе трчкаат деца. Тогаш, во тие неколку секунди, ја видов мојата порта кон животот. Ана. Морам да ја најдам, решив.

Прочитајте и...  Интервју со поетесата и писателка Марина Мијаковска: Јазикот е моќ да се излезе од ѕидовите на розовото гето и да се искажат одредени женски вистини!

Улица – Славко Јаневски

Повеста „Улица“ е првото прозно дело на Славко Јаневски. Темата е животот на група млади луѓе воСкопје меѓу двете светски војни и дилемите на главниот лик Јане Славковиќ, а идејата е пронаоѓањето на вистинскиот пат во животот.Улица – во случајов симболизира лош пат во животот (уличарски) иако во делото е опишана една од многуте улици во меѓувоеното Скопје.Настаните се предадени преку раскажувањето на главниот лик – јас, кој е и наратор и учесник во случките. Всушност, повеста има автобиографски карактер во која е опишано детството и момчештвото, едно не сосема обично детство – детство на беспризорните, хроника на ситните злосторства на децата оставени на улица.

Улиците што ги нема – Оливера Ќорвезироска

Оливера Ќорвезироска (1965) е македонска писателка и критичарка. Основно и средно образование завршила во родниот град Куманово, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.

Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска. Се’ е конкретно, мошне проверливо и цврсто вкотвено во реалноста. Но овие раскази никако не би смееле да ги разбереме само како сентиментален ламент по некогашните белези на градот. Ќорвезироска успева, на еден извонредно деликатен и ненаметлив начин, да ни сугерира дека судбините на тие луѓе кои живееле во „улиците што ги нема“ се по некој невидлив, но сепак, неумоливо насочен пат поврзани со исчезнувањето на некогашните називи. Секој од овие извонредно заокружени раскази, а и сите заедно, како целина, ни кажуваат дека промашеноста, напразноста и ефемерноста на тие животи е во некаква тајна, длабока врска со непостојаноста и минливоста на имињата што ја означувале нивната адреса и некогаш претставувале цврст репер на нивното постоење.

Прочитајте и...  10-те најпознати женски ликови од книжевноста

Очи со боја на чевли – Петар Андоновски

Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на книгите: „Ментален простор” (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли” (роман, 2013, 2016), „Телото во кое треба да се живее” (Роман на годината на Утрински весник за 2015). Неговиот прв роман „Очи со боја на чевли” влезе во најтесен избор за наградата „Роман на годината” на Утрински весник.

Андоновски покажува огромен книжевен талент да изгради необичен книжевен лик, односно да направи вешта игра на два комплементарни лика, да го прикаже дејството прекршено преку раскажувањето првин на едниот, а потоа на другиот лик, да внесе многу мунициозни детали во раскажувањето, и на крај, ирониски да ја прекрши суровата општествена реалност во позадината на високо естетизираната приказна.

Дваесет и првиот, Томислав Османли

Томислав Османли напишал елегантен, мистичен, интелектуално рафиниран, раскошно структуриран роман за потрагата по тајниот премин кон подоброто утре, кон подобрите места, кон вечноста која наликува на митската змија што се храни од својата опашка. Роман што воодушевува и што се чита со едно отворање на кориците. Венко Андоновски Што напишал Томислав Османли, за толку да нè восхити? Најкратко: нешто што во нашава литература не го направил уште никој. Еден вехементен роман за тегобниот дваесет и први век, македонски и светски, ама роман кој не е литераризиран според логиката на книжевниот текст, туку на технолошките стандарди на компјутерските игри. Јелена Лужина За мене Османли е еден од најдобрите домашни автори, но дури и да не се согласувате, Дваесет и првиот треба да се најде на вашата листа за читање бидејќи е храбар, сочен, полн со изненадувања и блиски слики. Златица Петковска Овој роман ја крева (и) нашата средина, и сите нас, повисоко горе, на рамништето на светот од дваесет и првиот век, век кој до душа не е ни малку лишен од тегобност, свет во кој сите талкаат наваму-натаму, барајќи го центарот на, како што во друг контекст вели Елијаде, „апсолутната реалност“ во себе. Димитар Башевски За дефинитивната одлука претежна очекувањето дека со Дваесет и првиот, со таа „книга на фантазми“ од Томислав Османли се појавува нов протагонист на највисоката платформа од македонската романескна мапа.

Најпопуларно


To Top