Текстови и колумни

Безвучно исчезнувам од твојот живот (поема)

Внимателно собирајќи ги спомените и пакувајќи ги за разделба.

Одземајќи висини и падови.

Повлекувајќи сламка за спас во туѓи соништа.

Пригушени се моите воздишки во оваа соба.

А моите зборови се спојуваат со дождот и го пронаоѓаат дното.

Полека паѓаат како олово и се губат некаде во темната кал.

Оставајќи мочуриште од црни спомени.

Од што беше составена нашата среќа?

Први откривања на мрачните пајажини кои се населиле врз нашиот кров далеку барајќи си дом.

Како само тој дел да е населен одамна.

Цртам со празнотија во другите соби..

А штотуку ги здогледувам вистинските бои кои си го нашле патот кон бедата.

Ако празнината имаше боја, која ќе беше таа?

Го повика злото пред нашата врата, го угости, го прегрна и ме остави со него како вечен сопатник без ни капка каење.

Како казна за цела среќа, цела вечност се дружев со твојата сенка.

Полека на прсти се прикрадував до среќата во глувата ноќ, за каењето мое да не го достигне твојот праг на лакомост.

Прочитајте и...  Едни загадуваат, сите плаќаме – парадоксот на „Пакомак“

Слепо одржувајќи танго врз безброј ножеви.

Држејќи те тебе за дланка.

Илузија без смисла.

Заминувајќи пред она што било и не било.

Рушејќи ја целата куќа на кошмарот.

По првпат здогледуваќи го изгрејсонцето…

Заминувајќи од зајдисонцето.

Тука е потопло.

Тука ќе го градам својот дом.

Со двор полн љубов.

А куќа полна грижа и смеа.

И во неа моите воздишки ќе ги слушнат и Боговите.

И само немо ќе се насмевнат.

Најпопуларно


To Top