Текстови и колумни

Денес студент, утре (не)вработен – Што ти носи иднината?

blog articles

Велат иднината им припаѓа на младите. Новите генерации се оние кои можат да направат пресврт во општеството. Тие се оружјето со кое може да се освои светот. Но, прашањето е колку ние сме вооружани и спремни да го освоиме светот?

Дојдов од мало гратче во кое постоеја други правила, други услови и различен менталитет. Спремна да го освојам светот, со замислени цели и однапред поставен план дојдов да студирам во градот кој за мене беше непознат. Одејќи секој ден на факултет, се наоѓав во различни ситуации, а некои од нив ми ги рушеа соништата и замислите за тоа како функционира општеството. Овде прв пат зборот провинцијалка влезе длабоко во мене и ја сфатив суштината на неговото значење. Овде прв пат си го поставив прашањето дали секој кој оди на работа е среќен заради истата? Возејќи се во автобус ги гледав тмурните лица на луѓето кои се враќаа од работа, видов луѓе кои успеваа да заспијат веднаш штом седнат на слободното седиште од автобусот. Досега не обрнував внимание на деталите и луѓето околу мене, но некако невозможно е да не допре до тебе разговорот на жена која и се жали на својата другарка дека од петнаесет интервјуа за работа и со два факултети секаде била одбиена… Невозможно е да не те трогне разговорот на мајка која им кажува на своите деца дека ако бидат послушни, ќе го слушнат нивниот татко кој е на печалба.  И додека сакав да го освојам светот, сфатив дека тој ме освојува мене. Брзав да пораснам, со нетрпение го очекував денот кога ќе станам академски граѓанин, а сега, сега се плашам да влезам во светот на возрасните, се плашам дека еден ден кога ќе завршам факултет ќе морам да заминам од државата, исто како татко ми… И кога него веќе го нема, си мислам дали сум доволно спремна и вооружана за да не заминам од оваа држава, дали ќе успеам да се изборам помеѓу толпата луѓе кои бараат работа, дали токму јас ќе успеам да ја направам промената која му е потребна на светот.

Прочитајте и...  „Розата и ти“ - поема

Се плашам дека еден ден кога ќе отидам на интервју за работа ќе ме прашаат од која фамилија доаѓаш, се плашам дека ќе гледаат кои ми се родители, а не која сум јас. Но сепак, длабоко во себе верувам дека ако си доволно добар, ќе успееш во било која професија, верувам дека соништата се остваруваат, само е потребно време и труд.

Автор: Марија Аждерска

*Текстот е добитник на првата награда на блог натпреварот на World Bank.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најпопуларно


To Top