Едни загадуваат, сите плаќаме – парадоксот на „Пакомак“

Зошто, наместо т.н. повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки, не се применува моделот кој функционира во Германија и Норвешка каде за шишето плаќаш екстра при купување (кауција), па ги добиваш назад парите кога ќе го фрлиш шишето во машината? Одговорот е едноставен: бидејќи на „Пакомак“ тоа воопшто не им одговара!

Неодамна се појави веста дека „Пакомак“ има добиено грант од „Фондот за иновации и технолошки развој” за производство за т.н. повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки. Истата предизвика позитивни реакции на фејсбук, многу споделувања, многу интернет портали ја споделија истата. Накратко, грантот доделен од Фондот за „Пакомак“ (заедно со партнери) предвидува поставување на вендинг машини, со чие користење, односно фрлање на шишињата/лименките во нив, граѓаните ќе добиваат бесплатни или субвенционирани јавни услуги (на пр. комунални такси, билети за јавен превоз, паркинг и сл.).

Но ако се навлезе во суштината на оваа навидум добра вест, работите не се воопшто за радување.

Да започнеме со тој кој загадува, односно кој (би требало) и да биде одговорен за чистење на отпадот. Се разбира, загадувачи се пред се’ фирмите произведувачи/увозници на отпадот (шишињата/лименките), односно пиварниците и производителите на сокови заедно со луѓето кои тие производи ги купуваат.

Одговорот на прашањето кој ги трпи последиците од загадувањето е многу едноставен – сите подеднакво, без разлика дали некој загадува или не.

Кој ќе плаќа со оваа идеја која ја планира „Пакомак“? Тоа ќе бидеме сите ние, без разлика дали и колку загадуваме, преку нашите даночни пари преточени преку јавните услуги ќе ги субвенционираме оние кои не’ загадуваат сите нас!

Многу „добра идеја” на „Пакомак“ (поддржана и од тие што им се согласиле јавните пари така да се трошат, т.е. од власта): едни загадуваат, сите ние плаќаме! Ова е веста за поздравување?!

Дополнително, што стимулира оваа идеја? Колку повеќе произведуваш отпад, толку повеќе субвенции добиваш. Колку повеќе отпад правиш, толку повеќе пари добиваш од сите нас. Наместо да се дестимулира создавањето на нов отпад, оваа мерка само го стимулира генерирањето на се’ повеќе и повеќе отпад.

Дополнителна информација која треба да се знае дека од рециклираните ПЕТ шишиња не се добиваат нови шишиња, туку може да се добие само ПЕТ текстил: теписи, маици, чевли… (кои понатаму веќе не може да се рециклираат). Ова значи дека секое купено ПЕТ шише е ново и добиено е од „свежа” нафта извадена, донесена, рафинирана, трансформирана во пластика само за вас, вашите конзумеристички нагони и профитот на производителите. Не случајно во трите основни принципи во врска со отпадот, рециклирањето е дури на трето место: 1. Редуцирај, 2. Реупотреби, 3. Рециклирај. Мерката не само што не редуцира, туку и стимулира повеќе отпад.

Не само што сите ние ќе плаќаме да ги „стимулираме” загадувачите да не не’ трујат толку многу, туку сите ние, преку Фондот за иновации и технолошки развој, кој се финансира со буџетски пари, ќе ги плаќаме и машините за кои „Пакомак“ е должен да ги обезбеди како одговорен за системот со отпад од амбалажно пакување. Замислите, нешто што функционира со децении наназад во многу земји, ние како држава ќе го плаќаме како „иновација”, и тоа на некој што е законски обврзан нив да ги обезбеди.

Кога веќе се воведува систем со машини и поврат на пластични шишиња и лименки, зошто не се применува моделот кој функционира во Германија и Норвешка (и други земји) – каде за шишето плаќаш екстра при купување (кауција), па ги добиваш назад парите кога ќе го фрлиш шишето во машината? Одговорот е едноставен: бидејќи на „Пакомак“ тоа воопшто не им одговара! За да сфатите зошто не му одговара тоа на „Пакомак“, односно што се случува во врска со отпадот во Македонија, треба накратко да се запознаеме со тоа како системот е (намерно) осмислен за да не може да функционира.

Ова прашање се регулира со Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Идејата на законот е т.н. продолжена одговорност на производителот, со која сите производители и увозници на стоки кои имаат амбалажен отпад (тоа главно се производители и увозници на пијалаци) се должни да го организираат системот за рециклирање на амбалажниот отпад. Производителите можат сами да го организираат системот за собирање на отпадот, но можат и да случат договор со т.н. колективни постапувачи, на кои тие им плаќаат, но ја преземаат одговорноста за организирање на системот за амбалажен отпад. Таков колективен постапувач, воедно и најголем, е „Пакомак“. Имено, наместо да се грижат тие самите, најголемите пивари во Македонија го имаат формирано „Пакомак“ (http://pakomak.com.mk/PakomakSite/mk-zanas.html), со цел и законски да ја имаат регулирано обврската, ем да си плаќаат самите на себе, ем да се клучен играч и од другата страна во процесот на справување со отпадот.

Само за информација, пиварниците за секое шише пуштено во продажба (под претпоставка дека ги пријавуваат сите), му плаќаат на „Пакомак“ – „фрапантни” 0,08 денари. Да, 0,08 денари пиварниците си плаќаат сами на себе, т.е. на „Пакомак“ (http://pakomak.com.mk/PakomakSite/mk-uslugi-clenstvo.html#6). Едно шише од 1,5л е ~50г, во 1 тон има 20.000 шишиња, еден тон е 27 евра + 5% ДДВ. Така се добива сумата дека за едно шише му плаќаат на „Пакомак“ по 0,08 денари.

Оваа навидум мала сума по шише (која навистина е мала во споредба со штетата што ја прави), доколку се помножи со количината на амбалажен отпад од ПЕТ пластика кој се пушта годишно во промет (извор годишните извештаи од Министерството за животна средина и просторно планирање) се добива сума од околу милион евра. Со таа сума „Пакомак“, и нему сличните (бидејќи „Пакомак“ е само најголем, но не и единствен), е законски ДОЛЖЕН да го организира системот за собирање на амбалажен отпад од крајните корисници. Дали тоа „Пакомак“ го прави? Единствено нешто што прави е реклами на сите медиуми и билборди, каде секогаш се појавува ударно и неговиот бренд, хаотично поставува специјализирани контејнери со огромни налепници „Пакомак“ (само во поголемите градови)… и толку. Дури и поставувањето на контејнерите им го тупка на комуналните претпријатија за тие да ги стават било каде. Пакомак нема никаква обврска за празнење и одржување на тие контејнери. Малку се знае, но фирмите што го подигаат отпадот, пред се’ од фирми/јавни установи кои имаат специјализирани корпи за различен тип отпад, воопшто не се од „Пакомак“. Тие имаат некаков договор со „Пакомак“, но главниот профит им е вредноста на амбалажниот отпад кој го земаат за себе.

Во ваквиот систем кој воопшто не функционира, граѓаните без да знаат кој за што е должен, но и платен, секогаш прстот на вината го вперуваат кон јавните комунални претпријатија. А тие, ниту имаат ингеренции, ниту пак се платени за да го имплементираат системот за селектирање на отпадот. А бидејќи „Пакомак“, кој дефакто е само екстремно богата маркетинг и ПР агенција, заради сите тие реклами, се смета за добротворот кој нешто се обидува да направи, а ете, јавните претпријатија / општините / државата не се одговорни.

Откако сега сте запознаени како функционира системот за амбалажен отпад во Македонија, дали станува јасно зошто на „Пакомак“ не му текнало да го воведе германскиот систем со кауција? Одговорот е многу едноставен: кауцијата ќе значи поскапување на цената на пијалаците и одредена дестимулација од купување на пијалаци од пластична амбалажа. А е нешто што на „Пакомак“ воопшто не му одговара, бидејќи тој е тука да се грижи за интересот на неговите газди (http://pakomak.com.mk/PakomakSite/mk-zanas.html#4), не за отпадот. А на газдите не им одговара да им падне профитот заради некаков си отпад.

Затоа, „Пакомак“ (и нему сличните) не се добротворите во системот за управување со отпад, туку неговиот карцином. Се’ додека тие постојат, Македонија ќе се труе во отпад. А одговорноста на државата е да го отстрани карциномот и системот да го постави онаму каде што треба – во силни и функционални јавни комунални претпријатија кои не се водени од профит. Но наместо тоа, бизнис-ориентираната власт, субвенционира иновативна „топла вода” која уште повеќе ќе не’ труе, а сите ќе плаќаме тоа да го прави.

Автор: Васко Цацаноски

Превземено од: Гласник

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.