Текстови и колумни

Иднината на човештвото. Кој ќе победи во оваа трка?

„Иднината, како бела точка на црн хоризонт“ би рекле ние. Ја гледаме како потчинети робови од турско време и сакаме, баш сакаме да се споиме со неа, ама како? Исто како што галаксијата без ѕвезди не би била она што е, како што животот не би бил живот без ниеден човек, така и иднината ќе остане само трн во мислите, ако трнот на современоста не го отсечеме.

idninata na covestvoto

Нé гладувале, нé држеле жедни, ни ги краделе семејствата без пардон, физички не обесилија, мисловно не надминаа, животите ни зграбија и ги уништија, а ние уште им лазиме на земја.

Ни понудија дишење, смеење, живеење и тоа се со „камата“. Каматата поголема од кредитот, па ни плеснаа во лице тон лаги дека ќе ни дадат сé што сега немаме и еве ние уште чекаме и чекаме. Ни понудија туѓи животи во кои ќе влеземе како актери во филм ако ни дозволат и ако не одберат. Ни фрлија црно мастило во срцата, не одвоија еден од друг, па сега ќе бришеле грешки испречени како планина, а душите, кој да ги исчисти нив кога талогот веќе длабоко фатил корени.

Прочитајте и...  После секоја преживеана бура секогаш доаѓа виножито

Не моли не мајко мила, не плачи по нас кои душата ти ја биберосавме, кои телото ти го оголивме, кои видикот ти го зедовме. Не леј солзи најмила, попусто е, грд виор ги опфатил твоите чеда. Што ги жалиш оние кои се обезверија, обесчестија, рушија се што можеа и продолжуваат така. Да ти кажам отворено ни тоа не ни предизвика задоволство, па и ние како тебе тагуваме, би вратиле и време и простор да можевме. Разгалени плачливци кои плач ти подарија за да те усреќат.

Ние сме твојата срж, ама шупливи како старо дрво кое однадвор изгледа обично како секое друго, додека внатре се крие она што секој од нас го уби. Својата илузија,својот став, својата надеж, својата добра и лоша страна, своето срце, станавме пепел. За да дојдеме до нови победи се поразивме и тргнавме да бараме нов почеток незатвoрајќи го крајот што низ отворената врата уште зјае по нас.

Како посинети да сме па не ти враќаме емоции. Чиниш скинати сме на парчиња па не креваме глас за потребното, а цимолиме на секое тешко делче во денот. Толку сме себични што сами би си протнале нож во гради да не не гледа никој. Шириме енергија без енергија, виеме бело знаме иако не признаваме, но така е.

Прочитајте и...  Симпсонови повторно ја предвидоа иднината

Станавме како Мадагаскар, па луѓе никој не препознава, олицетворение на Сахара сме ние кои вриеме во егоистичкиот котел, на моменти победни и од оние во „Пеколот“ на Данте Алигиери и од „Црно семе“ на Ташко Георгиевски. Браво за нас, ја предадовме и Велика од „Пиреј“. Не успеавме да бидеме бар еднакво жртви како неа, да се сочуваме сами себе не умееме, па уште и правда ќе бараме.

Сме „голтале и голтаме“ туѓи зборови, замисли и планови, а кој не тера, никој. Не нé принудија телефоните, компјутерите, машините во фабриките, аман создадете не. Ништо не беше присилно сé преземавме на своја рака, па сега би се вратиле чекор назад, но каде, но зошто, но како, кога имаме помалку до уништување од што до спасување, кога веќе задоволно ни се смешка работ на пропаста.

Не останаа дрвја, не останаа шуми, животни, вода, воздух, не остана ништо живо освен нас. Срамот ни се смее во лице, а подлоста сеуште не крепи. Затоа ли се родивме, за да плукнеме врз гените? За тоа ли не чуваа, за тоа ли не хранеа, за да ги засркнеме во секоја голтка, на секој здив? Нивната „лекомислена“ лажна надеж, зарем е бесцелна. Тие очи зар не се доволни за да пробаме да бидеме луѓе, не вакви, туку вистински.

Прочитајте и...  “Мамо зошто плачеш?” – трогателна приказна која вреди да се прочита

Ој мој народе, пат ли е патот што води кон небиднина, град ли е градот скаменет од невидливи личности, живо ли е телото без крв. Не драги мои, не. Немаме сегашност, а бараме иднина. Чудно. Кој ли ќе победи во оваа трка? Чии ли раце ќе кренат орден високо, а чии ќе останат стуткани во џебот, времето ќе покаже. Но едно е најважно, да пробаме да живееме, додека сме живи. Затоа што ова што го имаме сега можеби никогаш и никаде повеќе никој нема да ни го даде.

Пишува Сузана Николова

Најпопуларно


To Top