in

Иглите на сонцето

Велат се што е убаво кратко трае, јас ќе речам – навистина кратко, небаре и немаш можност да ги вкусиш најдлабоко сокриените плодови. Се започна тивко, безгласно- мислиш сиот свет онемел. Ноќите стануваа денови- мислиш месечината се заљубила во сонцето, само заталканите мисли кои остануваа будни тргнуваа по него. Зар да бидам ноќта, а тој сонцето ? Зар имам храброст да прашам ?

-Немаш – рече тивко, но убедливо пријателот кој ме придружуваше низ распадот на мојот рај.

Молчев. Знаев оти тој е секогаш во право. Застрамено ја придвижив раката кон кутијата со цигари, знаејќи дека јас сум трн во неговите очи. Ми ја подаде запалката, а јас со трепет на рацете и поглед свртен кон ќошот на ѕидот, полека ја зедов.

-Ти реков – рече, а јас знаев дека тоа ќе го каже и бев погдотвена да застанам на четириножното столче и да ја добијам својата казна. Неговите зборови како ехо се повторуваа, зборовите кои ги слушав по незнам кој пат..

Прочитајте и...  За жената што некогаш ја сакав

Димот полека го зазеде своето место во малата соба, додека  се гушев без да умеам да избегам од канџите на сивилото. Пикавците се размножуваа во пепелникот, додека погледов сеуште немаше храброст да се соочи со него.

-Отвори го прозорецот – изусти сигурно после двочасовно труење. Колку и да се обидував да прикријам што ми се врти во главата, дури и оваа проклета болка не успеав да ја скријам од него. Го послушав. Широко го отворив прозорецот и ја подадов главата. Чист воздух, свежината ме допре до коските како што сонцето успеа со своите игли да се пробие до срцево. Повторно тој, оној од кого бегав, оној кој како крлеж се беше закачил во мисливе не мислејќи на последиците, а не мислев ниту јас.

Стефани Србиноска

Што мислите?

1 Поен
Upvote Downvote