Денес разговараме со Оливера Ширгоска, писателка и поетеса. Доаѓа од Кичево, а родена е 1973 година во Кичево. Добитник е на голем број на награди и признанија на национални и интернационални литературни настани. Прво нејзино дело е романот „Ања“, издаден 2013 година, а оттогаш има издадено уште 7 книги.

Кога започнавте со пишување?
Мислам дека љубовта кон пишаниот збор постојано живее во потсвеста на писателот и само прашање на време е кога таа желба ќе вроди плод. Започнав да пишувам пред девет години и од тогаш постојано се дружам со пишаниот збор.

Колку книги имате напишано? Која од нив ви е фаворит?
Имам издадено 8 книги од кои три се романи „AЊА“ (2013), „СРЦЕ“ (2015), „СКАНДАЛ“ (2017) и стихозбирките кои се во електронска форма на интернет библиотеката „МАКЕДОНИКА“; „СИОТ ТОЈ БЛУЗ“, „ЉУБОВЕН ТАНЦ“, кој има и српски превод, „КРИЛЈАТА НА ЉУБОВТА“, „БЛАГОСЛОВИ“. Мислам дека на еден автор сите негови дела имаат посебно место, и секое на свој начин остава трага во душата.

Кои автори се најинспиративни за Вас?
Сакам да прочитам добра книга која ќе ми го исполни денот, ги сакам класиците, од нив постојано се учи, се надоградува, а во последно време задоволство ми прават и современите следбеници на Достоевски, Толстој, Горки, Шекспир, Лорка и др.

Како поет кои теми Ви се најпровокативни и најпримамливи да ги сместите во стихови?
Романот е едно книжевно послание, каде вредно се запишува еден човечки живот, се осмислува приказната, се даваат особини на главните ликови. Во поезијата, тоа се чувства кои избликнуваат во еден миг и ги пишуваат на хартија тие честитчки што знаат да ја наполнат душата човечка . Пишувам сe, но љубовта како непресушен извор на стихови, често ја има во моите поеми, пишувам родољубива поезија, детска поезија… Се она што го прави и сочинува животот.

Доколку не се бавевте со пишување, која друга професија би ја одбрале за ваше лично изразување?
Сакав… Уште од мала ме привлекуваа патувањата и јазиците, многу мала научив течно да зборувам германски јазик, така да, ако не пишував, моја професија можеби ќе беше професор по германски или англиски јазик.

Има ли во Македонија место за развој на пишаниот збор? Колку сметате дека добивате соодветна поддршка?
До сега моите дела ги издавам самостојно, како автор – издавач. Засега работите се такви какви што се, меѓутоа тоа не значи дека иднината нема да вроди со плод и заедничка соработка. Оптимист сум и верувам дека еден ден се повеќе домашни автори ќе ја освојуваат читателската публика.

Што може да очекуваме од вас во иднина?
Пишувам со надеж, секојдневно дружејќи се со ликовите од романите, дека книгата ќе допре до читателот, и дека секој може да се пронајде во приказната . Во подготовка сум на ново дело (роман), и се надевам дека во блиска иднина ќе добие корица, имам и стихозбирки, но се во свое време. Се во животот се случува со причина, и секогаш тоа што треба ќе се случи во даден момент.
Што би им порачале на идната генерација писатели и поети? Каков совет би им дале?
Мојот совет за идните генерации е…Никогаш да не се откажуваат од својот сон, успехот ги следи оние кои храбро чекорат следејќи го инстинктот и говорот на душата. За секого од нас има место под сонцето, а човекот умее да сонува и да живее и да се надева.
