Литература

Интервју со поетесата и писателка Марина Мијаковска: Јазикот е моќ да се излезе од ѕидовите на розовото гето и да се искажат одредени женски вистини!

Со неколку поетски збирки и едно прозно дело, поетесата Марина Мијаковска има освоено неколку значајни признанија за творештвото, како Специјалната награда на поетските вечери во Корча , потоа „Караманова награда“, „Македонска книжевна авангарда“, „Крсте Чачански“, „Бели Мугри“… Марина Мијаковска е автор од македонската литературна сцена кој не може да се одмине.
Коскена“ е нејзината најнова стихозбирка. Составена е од вкупно седумдесет и осум песни распостелени во три носечки циклуси како тематски сидра: Коскена, Женска и Огнена.

61291912 613020539176734 5973246485834235904 n

-Кажете ни нешто повеќе за почетокот на Вашето патување низ светот на книжевноста. Кога се пројави Вашата желба за пишување ?

Книжевноста ја сакам уште од периодот на детството. Тогаш ги правев првите обиди. Затоа книжевноста ми стана главна животна пловидба. Подоцна дипломирав, магистрирав и докторирав на Филолошки факултет „Блаже Конески“ на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Активно пишувам и објавувам книги веќе десет години. Досега имам издадено вкупно единаесет книги од различни литературни жанрови: поезија, проза, есеистика, критика, итн. Првата стихозбирка „Номадска душа“ ја објавив во 2010 година. Потоа следеа стихозбирките: „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015); „Новогодишни детски песни“ (2017) и „Коскена“ (2019). Објавив книга со раскази „Куќички“ (2014) и есеистичките и научните книги „Жанровски полимер: Сандаче од ракописи во обид“ (2016) и „Модели на родовата идентификација“ (2018). Имам и аудио книга„Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2018).

Прочитајте и...  10 мистериозни книги кои ќе ве остават со подзината уста

-Неодамна ја промовиравте Вашата најнова стихозбирка „Коскена“. Која е накусо, без да го уништиме уживањето на читателите, приказната зад „Коскена“ ?

61354088 1160164920832843 1277140467137380352 n

„Коскена“ е мојата најнова стихозбирка. Станува збор за стихозбирка со вкупно седумдесет и осум песни распостелени во три носечки циклуси како тематски сидра: Коскена, Женска и Огнена. Секој од циклусите е женска придавка што имплицитно укажува на женското писмо кое остава празни места, отвореност за сематика и јазична игра. Оваа книга е повеќедимензионална и може да се разгледува и доживува од повеќе ракурси.

ПСТ…
Покрај десертот со слатки зборови
Слухот ги затвора своите шепи.
Трпиме зад завесите на реалноста.

-Што ве мотивираше да ја напишете „Коскена“? Која е инспирацијата зад неа ?

Коскена е суштински израз на поетскиот јазик како вештина на телесно заведување. Во циклусот Женска, го опејувам женскиот креативен агенс и универзум како метафоричен, отворен, флуиден и кружен. Јазикот е моќ да се излезе од ѕидовите на розовото гето и да се искажат одредени женски вистини. Лирската-јас форма доминира низ секвенците на женскиот светоглед и темите од мигновената женскост. Во третиот циклус Огнена, создавам интертекстуално калемење на поетскиот јазик преку деконструкција на една стара поетика и го изразувам новиот постмодернистички поетски светоглед. Мотивацијата ми беше творештвото на Анте Поповски.

Прочитајте и...  Промоција на збирка поезија „Здобол во злодоба“

61612226 871098413243838 6375016641738047488 n

-Колку време Ви беше потребно да го извлечете максимумот во пишувањето од себе и да го пренесете на сите читатели?

Книгата како концепт ја работев во изминатите четири години. Меѓутоа, темите и мотивите нараснуваа како тивко и меко тесто. Песните се намножуваа, правев корекции и го оформив конечниот облик. И конечно, ја имам „Коскена“ во печатена форма. Книгата може да се купи во книжарницата на Студентски збор, Градски ѕид.

-Дали во оваа стихозбирка имате преточено елементи од Вашиот живот?

Секој поетски водопад има индивидуални телесни и креативни води. Секогаш пишувам за теми што ме окупираат како истражувач, женски субјект, писателка и книжевник. Поезијата е сублимат на сопствените лични соби и интимни бои.

-Како поетеса кои теми Ви се најпровокативни и најпримамливи да ги сместите во стихови?

Најчесто нурнувам во постколонијални теми: идентитетот, јазикот, себноста, геополитиката и моќта на конструирањето на идентитетите, номадските субјекти, номадизмот, итн. Секогаш сакам да пишувам за нови неистражени теми од областа на женското писмо и феминистичките студии.

61232005 2303672056551365 4462349606113509376 n

-Кога може да очекуваме уште некој нов наслов од Вас ?

Прочитајте и...  Напиши му на син ми дека сум починала, за да дојде да ме види

Би сакала посериозно да се посветам на пишувањето роман. Сметам дека е време да одвојам лично парче време за да се посветам на пишувањето и на ваков прозен жанр. Се надевам дека следната објава ќе биде прозно дело.

-И за крај, што би им препорачале на сите љубители на книгите ?

На сите љубители на книгите им посакувам да уживаат во секој миг од животот и да бидат среќни со самите себе. Среќата зависи од самите вас и од вашиот животен ангажман. Им препорачувам на сите на својата егзистенција да дадат духовно пакување. Секако, тоа е можно преку уметоста на зборот и вратите на креативните микросветови.

МЛЕЧНИ ПРОЗОРЦИ

Во својот
свилен глас
облекувам
одежди од
полнокрвни
метафори.

Во своето
тешко тело
ги отворам
млечните
прозорци
за низ нив
да ја родам
светлината.

Марина Мијаковска

Најпопуларно


To Top