
Италијанскиот политичар Масимилиано Федрига, член на „Северна лига“, кој водеше кампања против задолжителните вакцини, се зарази од сипаници и помина четири дена во болница.
Вакцинирањето против дифтерија, тетанус, детска парализа, но и големи и мали сипаници и заушки се задолжителни во Италија за упис на дете во градинка или училиште. Падот на стапката на имунизација, доведе до драстично ширење на сипаниците во Италија, но и во Франција и зголемен број на смртни случаи на заразени лица.
„Добро сум, дома сум и се опоравувам. Се заблагодарувам на сите“, напиша 38-годишниот Федрига на социјалните мрежи откако излезе од болница.
Федрига, кој е гувернер на северната област Фриули-Венеција Џулија, беше жесток противник на воведувањето задолжителна вакцинација против 12 болести, меѓу кои и сипаници.