Како најлесно да се откажете од пушењето според најновите научни откритија

Резултатите од една студија спроведена на Оксфорд покажуваат дека наглото оставање на цигарите е најдобар начин за откажување од пушењето.

Научниците дошле до сознание дека пушачите кои престануваат нагло да пушат имаат 25 отсто поголеми шанси после четири недели и понатаму да не пушат, но и 42 отсто поголеми шанси да не запалат цигара и во следните 6 месеци. Тоа нажалост не е случај за оние кои постепено се откажале од цигарите пред конечно да ги прекинат.

Објаснувањето се крие во тоа што на лицата кои го намалувале бројот на испушени цигари им било потешко да донесат конечна одлука да се откажат, а таа пракса воедно ја зголемува и потребата за цигара. Ако се одлучите да се откажете од пушење, веднаш прекинете и помирете се со тоа дека цигарите повеќе нема да бидат дел од вашиот живот. Така и ментално ќе ви биде полесно и вашето тело нема да има потреба од никотин.

Една година по откажување од пушење, ризикот за кардиоваскуларни болести се намалува за 50 отсто, а за десет години се намалува и ризикот од воспаление и болести на белите дробови.

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.