Ќе се сретнеме повторно таму горе, татко мој…

Мојата телевизиска серија со почетоци, заплети и расплети наречена Живот излезе во 2011 година. Настани кои се полни со вистина, болка, тага, а продолжува со среќен или тажен крај. Човек се раѓа за да живее, но и живее со причина. Се што е убаво, кратко трае….. Во еден миг нешто морало да се создаде од ништо… Живеш, се смееш, се радуваш, тагуваш, размислуваш во еден здив. Со твоите животни доживувања ја распламтуваш фантазијата во себе. Чудесно е што денес гледаш еден човек, а утре истиот може и да го нема повеќе. Се сеќавам, тогаш како да знаев, како да имав некоја грутка, во моето срце одамна имаше немир, па ќошињата беа моите местенца каде што се криев доста често. Места на кои пронаоѓав само тишина, ехо на длабока тишина. Додека останатите околу мене не ја гледаа мојата тишина, јас гледав се што е вистинито во светот. Зошто слушав тажни приказни? Во главата ми се вртеа милион прашања, како да се спасам од мислите што ме убиваа секоја ноќ?! Толку сум малечка, што ли ми се случува, беспомошна седев и пишував приказна во глава. Разумот е она што е способно за живот. Дали да раскажам некому, дали да разговарам со некого, иако разговорот беше најдоброто решение, јас замолчев. Човекот е осуден на тешкотии. Деновите поминуваат, иако не сеќаваме. Пролетта како кокиче цути, летото брзо доаѓа, сега заминува пак се лути, а есента пак, на прагот стои, врнежливите денови ги брои. Ноември не беше толку студен, но изгледа судбински за мене беше студен како камен, темен и мрачен. Живееме прилагодувајќи се на животот, борејќи се од ден на ден, постојано во некаква борба, независно дали сме победници или губитници. Судбинското и мене ме сретна, ме распарчи и ми го зеде она највредното, она што за мене беше СЕ. Ти замина, се се смени. Душава плаче за тебе, каде и да отидам. Мојата прва љубов, мојот ангел замина, бог те зема и повеќе нема да те врати назад кај мене .

Те барам секој час, секој момент. Ти недостасуваш. Во раце, држам една фотографија, гледам среќа, гледам љубов, зарем цел живот вака ќе биде? Погледнувам во небото, мислам на тебе сакан татичко. Ти си таму на небесното синило, далеку од мене. Небото доби прекрасен ангел. Твојот живот згасна, како парче хартија кога ќе го запалам со чкорка, згасна во секунда. Зарем мораше така да биде? Велат: Бог секогаш ги зема најдобрите луѓе, но не мораше да ме остави без тебе. Јас, небо месечина.Секоја вечер истото. Не сакам да мислам на тоа дека те нема, мислам на деновите кога те имаше. Мислам дека секој нареден ден ќе боли, бидејќи времето не лечи ништо. Ново “утро” ќе те донесе ли кај мене? Утрата тажни, а нашите срца празни. Го сакам небото, ја сакам ноќта, ги сакам sвездите. Таму горе се крие мојот ангел. Во тешките моменти, срцето ми чука силно, а душата ми трепери од среќа, среќата да бидам твоја ќерка е неизмерна. Ти си мојот херој. Големата низа од подеми и падови, ме научи како да живеам без тебе, силно напред со нови сили, со твоја сила. Не сакав јас, но дојде зол час да заминеш ти од нас. Сега те нема, болиш секој ден. Во сон како во вечност те гледам, душата твоја јас ја барам, немир без тебе немам. И небото нема да е толку сино, езерото повторно ќе блуе, тага ќе се чуе насекаде без тебе, твојата сила денес ќе ме допре, знак да даде дека не сме сами ние, раната и болката длабоко во нас се крие. Пред новиот зрак од новото утро, ќе погледнам на небото, ќе знам дека надеж ми праќаш за битка понатаму.
Трофејот од сите мои победи го посветувам на тебе, татко мој.
Знам не е збогум,
Се уште си со мене,
Не е крај,  
Ќе се сретнеме повторно таму горе,
Каде што птиците летаат далеку,  
Каде што ангелите живеат,  
Каде што од далеку се грижат за нас.

За тебе татко мој мил.
Те сакам бескрајно!

Сања Симјаноска

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.