Случувања

„Мајка ми е Србинка, татко ми Хрват, а единствен проблем во семејството беше тоа што татко ми пиеше“

Една од главните рок ѕвезди на бивша Југославија, Горан Бреговиќ, зборува за својот живот, детството во Сараево, комунизот, Тито, но и тоа што прави денес и какви му се плановите.

„Бевме сиромашни, но кога ќе се навратите на тој период, ќе сфатите дека тоа најверојатно беше најдоброто време во нашата историја. Беше тоа мирно време. Мајка ми е Србинка, татко ми Хрват, а единствен проблем во семејството беше тоа што татко ми пиеше. Беше во југословенската војска, а таму пиеја многу.“ – изјавил Бреговиќ за Гардијан, сеќавајќи се на своето детство.

Бреговиќ има живописна историја. Бил главна рок ѕвезда во некогашна Југославија, а потоа пишувал наградувани филмски сценарија, компонирал за оркестри и станал најголем промотер на ромската музика од Балканот. Продал повеќе од 6 милиони албуми и соработувал со бројни музичари- од Иги Поп, Скот Вокер до покојниот Рашид Тахе.

Бреговиќ се опишува себе си како старомоден тип кој не снима видео- спотови и не се појавува на ТВ, а својата музика ја преставува патувајќи низ светот на бескрајни глобални турнеи.

Гардијан наведува дека Бреговиќ израснал опкружен со музиката на христијаните, евреите и муслиманите кои коегзистирале во градот и тоа е период и влијание кое го слави во делото „Три писма од Сараево“. Бреговиќ тврди дека главниот град на Босна е „метафора на нашето време, зошто тоа што го видовме во Сараево после 1991 година сега го гледаме ширум светот“.

Прочитајте и...  Влатко Лозаноски заминува на голема концертна турнеја во Америка и Канада

„Денес сме добри соседи, а утре пукаме едни на други зошто припаѓаме на различни религии.“- вели Бреговиќ.

За прв пат Бреговиќ во францускиот град Рен го претставил својот проект „Три писма од Сараево“. Станува збор за дело во кое доминираат три воглавно инструментални премини во форма на три писма- еврејско, муслиманско и христијанско. Таа фузија има свои корени во Сараево.

„Мојот татко аматерски свиреше на виолина и сакаше и неговиот син да го прави истото, па како дете посетував часови по виолина. Меѓутоа повеќе бев тип за гитара. Сам се учев да свирам, не можам да кажам дека сум школуван.“- вели Бреговиќ.

На свои 17 години почнал да свири, но набрзо почнал да користи дрога, па мајка му му забранила да свири. Четири години ги следел нејзините совети. Се запишал на студии по филозофија на универзитетот во Сараево. Требало да стане професор по марксизам, но одеднаш драматично го променил смерот.

Прочитајте и...  5G - опасноста што всушност, не е опасност

„Не ги полагав завршните испити и тоа ме спаси од таа судбина. Наместо тоа станав рок ѕвезда и бев најголем. Моите херои беа британските рок ѕвезди како Лед Цепелин, зошто ако свириш гитара, посакуваш да бидеш како останати згодни гитаристи како Џими Пејџ.“- изјавил тој.

После тоа го оформил бендот „Бело Дугме“ кој по издавањето на првиот албум во 1974 година ја „здрмал“ југословенската музичка сцена со спојот на хард- рок, фолк и ромска музика.

„Бев голема рок ѕвезда, а Ромите ни помагаа да се загрееме пред да излеземе на бина. Во пресоблекувалната секогаш ни свиреше ромска музика, тоа беше лудило. Од секогаш мислев дека балканската ромска музика е почеток на панкот- повеќе лудило отколку музика. Панкот умре со песната „God Save The Queen“- вели.

На прашањето Зошто групата „Бело Дугме“ била толку посебна, Бреговиќ одговорил:

„Рокот беше поважен во комунизмот отколку во западните земји. Ако бевте паметни и доволно внимателни, можевте да испратите многу важни пораки. Денес тоа можеби делува детинесто, но беше многу важно мојот пеач во еден момент да биде облечен во бела униформа како Тито, а во друг момент во црна како полицаец во нацистички концентрационен логор. Тоа е очигледна алегорија на комунизмот и комунистичкиот режим“, рекол, па додал дека пробувале да ги натераат младите да размислуваат поинаку.

Новинарот на Гардијан го интересирало и што Бреговиќ мисли за Тито, а тој рекол дека Тито направил многу добри работи, но пропуштил прилика да ја направи Југославија демократска држава, во тој случај не би дошло до војни, -сметал тој.

Прочитајте и...  ПОГЛЕДНЕТЕ: Како Германец ја отпеа “Километри” од Влатко Лозаноски

За време на опсадата на Сараево, Бело Дугме се распаднало, а Бреговиќ се преселил во Париз. Го оформил „Оркестарот за свадби и погреби“ со кој веќе 20 години свири ширум светот и станал еден од најпознатите светски претставници на балканската ромска музика. Открил дека во наредниот период во Манчестер ќе го направи продолжетокот на операта „Кармен“ со среќен крај, кога ќе биде базирана на приказните на мигранти.

„Јас плаќам данок во Сараево. Јас сум домашен композитор и морам да бидам таму. Меѓутоа градот се промени, го изгуби својот дух кој го имаше кога луѓе од различни националности живееја едни до други. Примитивната војна имаше примитивни резултати и ќе ни треба многу време да се вратиме на старо, но јас го сакам Сараево“- порачал Бреговиќ.

Најпопуларно


To Top