Македонскиот исклучителен баритон Васил Гарванлиев ќе настапи во премиерата на барокната опера „Дидо и Енеј“

Македонскиот исклучителен баритон Васил Гарванлиев, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени (Чикаго, Милано, Торонто, Лондон) во сферата на класичната музика, но и во водите на поп-музиката, ќе настапи во улогата на Енеј на премиерата на барокната опера „Дидо и Енеј“ која ќе се случи во Камерната сала на Филхармонија на 20 септември во 20 часот.
Во најпознатата опера од британскиот композитор Хенри Персл – „Дидо и Енеј“, ќе настапи и канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва како Дидо, која моментно пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, потоа еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија, како и ансамблот „ИН МЕДИАС РЕС“ на „Полифонија“.

Станува збор за автентична, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера, во организација на Уметничкиот центар „Полифонија“.

Васил Гарванлиев, кој зад себе веќе има реализирано неколку улоги на светските сцени, вели дека настапот во оваа опера и неговото враќање во Македонија за таа цел, го доживува мошне возбудено.

За неговиот порив да учествува токму во ова дело на Персл, Гарванлиев вели:

Навистина голем мотив е пред се да настапам во опера дома. Пред неколку години, одлучив да се повлечам од операта и да се фокусирам во креирање на оригинална поп- музика. Овој настап е исклучок. Не можев да ги одбијам ‘Полифонија’ и виолинистката Сања Шуплевска која стои зад организација за ваква соработка. Со Сања се запознавме многу одамна на настапот на Моцартовата ‘Така прават сите’ каде таа свиреше прва виолина, а јас ја пеев главната улога. Интересно е што двајцата сега вратени во родната земја се трудиме да креираме и да придонесеме за нашата музичка сцена. Ништо не е случајно што повторно се споивме и ќе соработуваме на многу проекти заедно во блиска иднина.“

Инаку, еден од последните ангажмани на Гарванлиев врзани за класичната музика беше премиерата на една современа опера во Лондон, каде што, како што вели, тој имал чест да креира улога од почеток.

Бев дел и од престижниот ‘Марлборо фестивал’ во САД две години по ред, каде што настапив со најдобрите музичари од цел свет. Аудиции не се пракса на овој фестивал, и организаторите сами избираат и ги покануваат уметниците да бидат дел од групата“, вели извонредниот вокалист.

За него најголем предизвик во креирање на една улога е да сподели искрена емотивна приказна преку неговиот глас.

Дел од македонската публика го памети Гарванлиев уште како дете, кога ја испеа познатата „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“. Вели дека токму „Марионка“ го одбележала неговото детство и воедно, на некој начин, тој настап му ‘укажал’ што сака да биде во иднина.

Благословен сум што толку рано го препознаа мојот талент. По заминувањето во САД, имав јасна визија дека музиката ќе биде дел од мене засекогаш. И ете, приказната уште се гради“, вели Гарванлиев.

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.