Публицист, заедно во соработка со младите новинари од невладините организација Фактор од Кичево и АДИ од Гостивар направи низа од интервјуа со значајни личности од нивните градови.

Првото интервју беше со Мартина Димоска, родена кичевчанка која во моментов работи и живее во Америка, а била вклучена во многубројни проекти на УСАИД, NASA Space Apps Challenge, школата за млади лидери на Ѓорѓе Иванов и слично, кои и го трасирале патот за понатамошната кариера.

Разговорот со Мартина го почнавме така што најпрво ја прашавме на што работи моментално.

Каде се наоѓаш моментално и што работиш?


Во моментов се наоѓам до Кливленд, во Охајо, каде штотуку заврши годинешниот NASA Space Apps Challenge што се одржа во NASA Glenn Истражувачкиот Центар, каде што на самото отворање на настанот ни се придружи и Астронаутот Doug Wheelock. Навистина ми е мило што оваа година бев дел од организацискиот тим на SpaceAppsCLE.

Го водев финансискиот дел, организацијата на спонзорства, вмрежувањето на компании и взаемната соработка со околните универзитети и младинските организации. На настанот во Кливленд бев дополнително ментор и судија, додека на локацијата во Скопје бев ментор.
Помогнав на тимови со информации, а најголем фокус беше ставен на инженерство на материјали и нанотехнологии. Секако, примарна ми е Advisory Position во Quantum Space Products Inc, што е изведувач компанија за NASA & DARPA и други придружници и ми дозволува да функционирам и да бидам оперативна од различни временски зони и локации. Што е одлично, зошто многу сакам да го учам светот, не само од аспект на конференции и самити туку и од културолошки и историски аспект.


Кога веќе зборуваме за NASA Space Apps натпреварот, треба да напоменам дека тоа е најголемиот интернационален хакатон за кодери, научници, дизајнери, креативци, гикови, девелопери, раскажувачи, креатори, градежници, технолози итн и се одржува во градови низ целиот свет, каде тимовите се вклучуваат со бесплатните и отворени податоци на НАСА за решавање на проблемите во реалниот свет на Земјата и вселената. Во 2018 се вклучија над 18.000 учесници на повеќе од 200 настани во 75 земји. Space Apps е иницијатива предводена од НАСА организирана во соработка со Booz Allen Hamilton, Mindgrub и SecondMuse.

Повеќе информации околу самиот натпревар: https://www.spaceappschallenge.org/ 
https://2019.spaceappschallenge.org/locations/cleveland-oh/

Следно на листата, и се уште не ми се верува за ова, е дека сум избрана да бидам панелист на Wings of Women STEM конференцијата што ќе се одржува во International’s Women’s Air and Space Museum каде што главен говорник е Dr. Marla Pérez-Davis, која што е вршител на должност директор во NASA Glenn Research Center.
Други новитети не би откривала се уште, но штом се прецизираат ќе знаете.

Дали можеби е на повидок има некоја нова романса?

Љубовта е сеприсутна кај мене. Апсолутно го сакам мојот близок круг, и моите блиски и спремна сум да направам се за нив. Само да им е добро и само да ми се насмеани. Често, кога поминувам низ тежок период имам порив уште повеќе да се вложам и да помогнам на оние во мојот круг на кои што им е тешко, за да барем еден од нас е среќен. Или барем така се тешам.

Околу романси, периодов не би го форсирала тоа затоа што сметам дека треба да се „стационирам“ и да се реализирам како човек особено онаму каде што си наоѓам грешки навраќајќи се на минатото при себе-анализа. Љубовта треба да е спонтана и вистинска и иако тешко засакувам сепак имам некои стандарди што не треба да се прекршуваат. Не сметам дека е лесно да си во врска со жена како мене, затоа што се расфрлам со енергија и креатива насекаде, и ми треба некој што ќе може да ме следи во секој мој чекор, но се надевам дека долгорочно ќе се исплати.

Сакам да се изградам како возбудлива, силна и енергична жена, што секогаш нуди искреност и поддршка, што си ја знае вредноста и се додека не го стигнам тоа, а не се стига преку ноќ, не е многу паметно да избрзувам. Сржта на тоа што сум ми е иста и се надевам дека долгорочно ќе ги зачувам скромноста, оптимизмот и тој живописен карактер полн со радост што го носам, а што во Америка често ми коментираат дека е новитет.

Прочитајте и...  Клучни квалитети кои секој работодавач сака да ги види на интервју за работа

Што е она што е потребно за да се навлезе во индустријата на косплејот?

Можеби многу луѓе и не се дел од гејминг/косплеј светот па најпрво да им кажам што е косплеј. Cosplay или Costume Play (играње со костими) е уметничка претстава во која учесниците наречени козмејкери носат костуми и модни додатоци за да претставуваат специфичен карактер. Секој субјект што се позајмува на драматично толкување може да се смета за субјект и не е невообичаено да се гледа испреплетување на родови, на пример жени да претставуваат машки карактер итн. Омилени извори за црпење инспирација за еден косплеј вклучуваат аниме, цртани филмови, стрипови, манга, телевизиски серии и видео игри.

Брзиот раст на бројот на луѓе што се натпреваруваат во ова хоби датира од 1990-тите, и го направи овој феномен значаен аспект на популарната култура во Јапонија и некои други делови на Азија и во западниот свет. Ја зафати и Америка, па и можеби сте чуле за Blizzard & Comic Con. Се надевам дека ќе ги доживеам!

Ште е потребно за добар косплеј? Креативност и имагинација. Да имаш доста слободно време, па ако сакаш правиш се од нула исто така. И потребни се финансии за сериозен костим. Затоа што особено доколку си почетник и учиш, ќе имаш многу грешки додека не се усовршиш. Многу зависи и што усовршуваш, дали сакаш да шиеш костими, дали те бива за создавање на оклоп и оружја, или пак аксесоари, моделирање на перики, шминка итн. Мислам дека Косплејот го сакам затоа што е склоп на многу работи одеднаш. Може да се изразиш креативно и да си „уметник“ на многу начини. Нацртите и идеите како да го направиш тоа првично одземаат многу време затоа што идејата на како да се направи што пореалистично а што поевтино сепак знае одземе доста време. Креативата и техниката се гледа од склопувањето на парчиња облека и оклопи, до создавањето на било каков реквизит, боењето на истите, шминката, глумата на сцена при персонализирање на карактерот итн. Тука се и фотосесиите и сетовите што се градат за да изгледаш што пореалистично како карактерот што го „играш“ па можеш или да вложиш многу во студио и да изградиш реален сет, па да се изразиш креативно преку фотографија, или пак да експериментираш со обработка и едитирање на фотографиите и да менуваш позадини, да ставаш ефекти итн, за крајниот резултат да биде што побајковит.

Чест ми е што сум судија на многу такви косплеј настани од кои што најскорешни беа Vip Game Fest каде што ги рентав и сите мои костими што ги носеа хостеси како и Vip Game Of Thrones Косплеј натпреватот. И најчесто се трудам да носам костими иако не е задолжително еден судија да ги носи, но самиот процес да бидеш нешто друго еден ден ти го доловува ликот од една друга перспектива и ти дава поинаква димензија.

Кои се чувствата во позадина на еден типичен ден на Мартина Димоска, како изгледа сето тоа?

Мразам што ќе го кажам ова повторно, зошто ми е механизам за справување, но, многу работно. Зошто мразам што ќе го кажам ова? Зошто болката порано ја „лечев“ со „работохолизам“.

Цело мое средно и моите факултетски денови не запирав. Се трудев да направам се, да бидам сегде, да го дадам најдоброто што можам и најчесто бев исцрпена. Недоволно детално сработени проекти, непрецизни интервјуа скоцкани за половина час, само за да се заврши работата што побрзо. Заспивање на доцни предавања на дополнителни академии од замор. Непрецизни разговори, често заборавање, мешање на се и сешто во муабет.

Но, тогаш не бев зрела ко и секој збунет адолесцент и се трудев да се исцрпам емотивно, интелектуално и духовно што е можно повеќе за само да не чувствувам болка во себе. Да не сум депресивна и анксиозна. И многу мои блиски патеа од ова, се чувствував како да немам приватен живот и се да е некако површно и минливо.

Изгубив и повредив многу луѓе што можеби и не го заслужуваа тоа. Затоа што не знаев како да го најдам балансот. Мило ми е што одново се поврзав со многу од нив и што ме разбраа после неколку години, кога сфатив што сум правела. Што сум пропуштила и колку ме немало, зошто сум била центрирана на други приоритети.

Сега барем, се трудам да имам баланс. Доволно сон, доволно физичка активност, социјалицирање и секојдневна комуникација со моите блиски, здрава исхрана, и да, работа, но сепак онолку колку што можам. Не по секоја цена. Не по цена на здравјето, блиските, разумот.

Имаше и период од 2-3 години во мојов живот, баш сега, скоро, каде што бев посветена максимално само на реобновување на односите, на врските, на семејството, и на љубовта. Сметав дека сум ги оштетила и дека треба барем еднаш, да дадам се од себе во врска и да „гинам за љубов“ и да видам како ќе се одвива. И мислам дека тоа беше многу погрешно. Не се чувствував среќно и реализирано затоа што не бев приоритет на оние што ми беа приоритизирани. Но се е лекција во животов, и можеби не требало толку да се потценам и обезвреднувам зошто дури и кога не бев тука емотивно за моите луѓе во добро, секогаш се трудев да бидам барем во лошо, и бев поддршка од секаков друг аспект дали материјално и финансиски, или барем со искрени совети и помош кога е потребна, само што бев далечна емотивно.

Но ќе ве оставам со нешто што го има кажано Лејди Гага – „Некои жени избираат да ги следат мажите, а некои жени избираат да ги следат своите соништа. Ако се прашувате на кој пат да одите, запомнете дека вашата кариера никогаш нема да се разбуди и да ви кажам дека веќе не ве сака. “

Што е тоа на што си најмногу горда?

Зошто гордоста е нешто на кое што не можам да се гордеам? Гордоста произлегува од францускиот збор „прудо“, кој е доцна стар англиски збор, различно преведен како „одличен, раскошен, арогантен, горделив“. Се смета дека „да се има високо мислење за себе“ може да го одразува англосаксонското мислење на Норман витезите кои се нарекувале себеси „горди“.

Прочитајте и...  Неверојатни фотографии од истражувањето на вселената од архивата на НАСА

И често размислувам на ова дури и кога оставам брзи коментари на социјалните мрежи, по навика, под објава за нечии други успеси викам „Горда сум на тебе“. Сметам дека гордоста ја преточувам, или поврзувам ако сакате со достоинство. И се уште учам како да бидам достоинствена.  
Нема ништо лошо во тоа да чувствуваме задоволство кога ќе постигнеме некоја цел, како на пример при добивање на промоција на работа или купување на нов автомобил но ако дозволиме овие работи да не дефинираат, трасираме пат кон тоа да постанеме мизерни. Барем, ако следиме Будистичка психологија, каде што страдањето се создава кога премногу цврсто се приврзуваме за работи кои што неизбежно проаѓаат.

Пооргинална и стабилна самостојност се заснова врз прифаќањето на самите себеси онакви какви што сме. Себе вреднувањето е функција од достоинството, за разлика од достигнувањата на кои што ако премногу зависиме и константно се стремиме за поголеми и подобри работи може да станеме зависни од надворешни извори на задоволство и никогаш да не ни е доста.
Достоинството може да живее во нас без оглед на нашите успеси и неуспеси. Не мора да му докажуваме на никој, па дури и на самите себе. Ако нашиот проект или претпријатие не успее, тоа не значи дека ние сме неуспех. Ако обидот да ги комуницираме нашите чувства со партнерот „паѓа во вода“, можеби ќе бидеме тажни, но ќе се чувствуваме добро знаејќи дека сме дале се од себеси. Можеме да искусиме достоинство со тоа што сме се потрудиле да се поврземе или да исправиме некоја болка во нашите врски. Можеме да го доживееме достоинството, живеејќи со интегритет, без оглед на исходот.

Што знам. Можеби и грешам, но едноставно не сум порасната да бидам горделива. Туку искрена. Чесна. Милостива. И колку и да потфрлам во некое од овие полиња низ мојот животен тек низ сите различни животни фази, сепак ќе се стремам кон истиве доблести.

Прочитајте и...  Интервју со поетесата и писателка Марина Мијаковска: Јазикот е моќ да се излезе од ѕидовите на розовото гето и да се искажат одредени женски вистини!

Во што веруваш?

Навистина верувам дека луѓето се менуваат во правилна средина, под правилно влијание и со правилна едукација. Верувам дека интервјуво кога ќе го читам за две години од сега ќе го читам како променет човек и на некои делови ќе се запрашам и ќе си речам – што воопшто сум мислела? Но барем сум се обидувала да учам и да растам со нови идеи и концепти и да не се лишувам од нови знаења. Човек учи додека е жив, нели?
Верувам дека секој може да се разбере со секого, само треба да се има малку желба и толеранција. Сепак, срцевината на тоа што не издвојува од другите е дарбата за емпатија, суштината ни е добрина, соработка, подавање на рака.
Не верувам во први импресии. Плитко е да им судиш на луѓето така. Површно е. Никој не е она што навидум се претставува, ниту еден од нас не е толку еднодимензионален карактер, компаративно на John Snow од Game of Thrones. Никој не е совршен, ниту пак некој може да ни ги исполни очекувањата.

Верувам во наука и верувам во критичкиот акумен.

Верувам дека младинава треба да чита повеќе, зошто некако социјалниве медиуми и домашното воспитување доведоа секој да е разгален и да не може да задржи внимание повеќе од 2-3 секунди, а слушам дека секој втор пати од ADHD.

Верувам и во сите вас, без разлика низ што проаѓате, кого сте изгубиле, кои ви се зависностите од кои што треба да се откажете, лошите животните избори и навики, трауми од детството, итн. Земете правилна одговорност за вашиот живот, зошто животот е во ваши раце, и направете го подобар. И запамтете дека секој успех има цена. И секој избор ќе ве чини нешто.

Што би им порачала на младите деца заинтересирани во новинарството?

Кога двајца се во прашање, или пак две страни се засегнати, секогаш има две вистини. Би сакала општество на емпатија, разбирање и давање на совети и шанси посебно на оние што не знаат за подобро. Не треба да линчуваме никој зошто имаме токсично општество и сме виделе колку може некого да уништи.

Во другите држави ќе те седнат и ќе ти објаснат како на дете зошто тука се прави тоа и тоа. Чинам читав една објава на Синоличка Трпкова за животот во Холандија и за рециклирањето. Како ја седнале како дете да и го објаснат куќниот ред во зградата каде што живеела. (Не ме држете за збор околу деталите на приказнава, не се сеќавам точно). Меѓутоа поентата е искрено да ги разбереме поривите на другите. Да тргаме секогаш од себе си и да сфатиме дека сепак сме само луѓе, со 2% разлика во ДНК од шимпанзото и имаме доста примитивни инстинкти.

Дека е тешко да се биде добар човек (ако одиме по логиката на Џордан Питерсон) и дека потребно е многу работа и толеранција и пожртвуваност за да бидеш таков. Да се стремат повеќе кон доблест отколку среќа, и да сфатат колку мала точка сме во универзумот и колку поважни работи од кој колку килограми качил, кој што носел, итн. До кога ќе се ситничари за тоа како се изразил комшијата без да се погледнеме кон себе си?

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.

Leave a Reply

avatar
  Претплати се  
Известувај за