Текстови и колумни

Машки свет, женски свет или бал под маски?

Couples Masks

Лето е. Колешката на работа ми вели „Размислувам каков костим за капење да си купам?“. Ѝ велам, „До пред две години немаше да имаш дилема дали да си купиш бикини, сега едноделниот костим е ин?“ Ауу, страшни дилеми имаат жените. После еден час, прашувам еден колега „Каде на одмор?“. „Не знам, не сум сигурен.“ Не е сигурен??? А бермудите? А додатоците? А какво млеко за сончање да се купи? Депилации? Немаат такви прашања мажите.

Ова беше само мал вовед во обработката на насловот.

Не е можно да се обработи прашањето објективно, сѐ додека оној кој пишува би морал да биде или маж или жена. Но, може да се вложи напор барем да се оградиме од она што сме денес и да размислиме како мажите го прават светот машки, а жените женски?! Тој мора да е силен, да е спремен за физичка пресметка, би било одлично ако знае да биде и нежен понекогаш, најмногу со својата сакана, често и со животните, би требало да е интелигентен, да заработува доволно пари, да знае како да ги заработи, да е комуникативен, ако сака уметност би било исто така одлично (но може да сака и само филмови), веќе го обожаваме ако спортува, ако гледа спорт тоа го прави мажествен, но ќе му простиме ако не гледа, треба да се интересира за политика, треба да знае повеќе од жената, но во некои области, за таа да не се почувствува помалку вредна, а да не ги заборавиме и другарите и пријателите, да излегува со нив, за да не се посомневаме дека има друга, но да не претерува. Хмм, и секако, да знае и да сака да носи костум – понекогаш!

Прочитајте и...  Виното и животот (Расказ)

Таа треба да е УБАВА! Да, ако ја сакаме само за кратко. Инаку, треба да е и паметна, но да не знае премногу, да има стил, да биде прибрана, љубезна, да знае да готви и чисти, да биде вработена, но не занесена во својата работа, да биде самостојна, но не вообразена, да биде нежна, но не лигава, да биде итра, но не и за својот партнер (пред него понекогаш и да е наивна), да знае да комуницира, а да не зборува премногу, да не е премногу љубопитна за туѓите животи и да има свои хобија, да спортува, но не премногу, да се интересира за различни теми, да излегува со другарки и пријателки, но ограничено, да се облекува убаво, не нападно и да биде секси.

Можеби повеќе редови припаднаа на машкиот опис, но квалитативно, и двата пасуса се со слични барања за спротивставените страни. Да, токму тоа! Барања! Едните и другите имаат барања едни за други. Не е прашање дали живееме во женски или машки свет, прашање е дали се реални барањата за тоа какви треба да бидат и што да поседуваат мажите и жените одделно. Впрочем, зарем имаме право на посебни побарувања. На пазар се купува она што се нуди. Дури и ако произведуваш, производот не излегува по твоја замисла.

Прочитајте и...  Најдобар

За среќа, на крајот на денот сите сме само луѓе. И мажите и жените. Уморни од тоа да бидеме силни или да бидеме убави, ги тргаме костумите и фустаните од себе и се исклучуваме од светот на неколку часа. Додека тој се подготвува за следниот бал под маски, ние се регенерираме и собираме сила утредента повторно да бидеме НЕШТО. Покрај тоа што сме маж или жена, ние мора да се етикетираме и класифицираме: некои се убави, згодни, некои паметни и интелигентни, некои убаво облечени, некои се богати, итн. Токму така, овој свет не е ниту машки, ниту женски. Овој свет е бал под маски, а секој има своја етикета која би требало да зборува за квалитетот на маската.

Канаѓанка

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најпопуларно


To Top