Македонија

Ми олесна, ја завршив мисијата: Јована ја донираше косата за перика за деца болни од рак

Со хумана цел која самата си ја одредила, единаесет годишната Јована од Скопје стрпливо ја пушташе својата коса една ипол година, за откако ќе ја скрати, да ја донира за изработка на перика за деца болни од рак.

Сега, Јована која е шесто одделение во основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци има нова, модерна фризура, а плетенката од нејзината долга коса во понеделник ќе биде испратена во холандската организација Haarwensen, кои изработуваат перики за деца болни од рак. 

„Кога за првпат ми спомна дека сака да ја расте косата со одредена намена ме изненади пријатно, но си помислив дека е долг период и дека можеби дете на таа возраст ќе се премисли, не ја сфатив сериозно“, ни раскажа нејзината мајка Катерина.

Откако изминала цела година, таа сфатила дека Јована е многу сериозна во намерата и тогаш почнала да се распрашува по домашните фризерски салони како може да се донира коса. „Дознав дека кај нас има фризери кои поминале обука и знаат да прават перики, но самиот процес на изработка и иглите кои се користат е многу скап и затоа никој не го прави тоа. Потоа почнав да истражувам на интернет и дознав за Здружението „ЗЕДМ сложувалка“ од Гевгелија. Воспоставивме контакт и ми ги испратија условите за донирање коса“, додава мајката на хуманото девојче.

Прочитајте и...  Тешка сообраќајна несреќа на македонски автобус во Хрватска – има повредени

Условите, кои Јована требала да ги исполни е косата да биде долга најмалку 30 сантиметри. Од здружението, за сите донатори на коса бараат таа да е природна, да не е фарбана или избелувана. Уште еден услов е, косата која се донира да е уредно сплетена во плетенка, и прицврстена со ластици.

„Од здружението ми рекоа дека доколку ги исполнуваме условите, косата можеме да ја пратиме на адресата во Холандија, иако тие веќе имаат воспоставено контакт со нив“, вели мајката на Јована.

По една ипол година чекање, специјален момент за целото семејство бил денот кога таа требала да се шиша.

„Кога дојде денот за шишање, вечерта беше многу возбудена и не можеше да заспие. Во моментот кога во фризерскиот салон „Ultra look“ каде што редовно одиме ѝ ја скратија плетенката, ми кажа:  „Е, сега ми олесна. мисијата е исполнета“. Јована има 11 години и им порачува на сите девојчиња кои сакаат да помогнат да не ја фрлаат својата коса, да ја донираат“, ја раскажува мајката пораката на својата храбра ќерка.

Прочитајте и...  И името, презимето, и племето и семето: Џамбазов во неколку стихови ја опиша состојбата во Македонија

Здружението ЗЕДМ сложувалка е известено дека мисијата на Јована е завршена и дека косата наскоро ќе се испрати, со надеж дека ќе измами насмевка на уште едно дете.

М.Џаровска, Женски Магазин

Статијата е преземена од Женски Магазин, оригиналната статија може да ја прочитате ТУКА

Најпопуларно

To Top