На денешен ден во 1980 година почина познатиот македонскиот писател Ванчо Николески.

Николески беше македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина. Роден е на 10-ти јуни 1912 година во село Црвена Вода – Дебрца, охридско. Основно училиште завршува во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој учителствува во многу села низ Македонија. По ослободувањето работи како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1950 година.
Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски“ и „Младо поколение“. Преведуван е на сите југословенски јазици, и самиот се занимавал со преведување од српски и руски јазик.
Почина на 15-ти април 1980 година, а во негова чест Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.
МАЈСКА РОСА
Тивко дувка јужен ветрец
и благ мирис носи,
над нивите мајски дождец
ситно, ситно роси…
Видете ја наша Боса,
во игра се дала,
за мајската блага роса
пее песна мала:
– Врни, врни, паѓај ситно,
блага мајска росо,
нека расте жито китно,
мене бујна коса!
