Македонија

Основци од Прилеп меѓу најдобрите во кодирање во Западен Балкан

Прилепските осмооделенци Петар Апостолоски, Антонио Барлески и Михаела Наумоска го освоија второто место на Регионалниот натпревар за кодирање, кој се одржа во Белград. Тие се ученици во училиштето „Блаже Конески“, а наградата им ја донесе нивниот систем за спречување и намалување на последиците од сообраќајни несреќи креиран со помош на уредот микро бит. На натпреварот учествуваа ученици од 13 училишта од шест земји од Западен Балкан.

Тие имале задача да направат проект со кој ќе решат некој реален проблем со помош на микро бит, џебен компјутер со големина колку дланката.

Како што објаснуваат наградените ученици, системот односно проектот кој тие го имаат насловено „Транспортен информационен систем со употреба на микробит”, е составен од хардвер и софтвер кој овозможува подобро надгледување и контрола на сообраќај и оптимизација на сообраќајниот тек.

„Во него се вклучени камион и станица за прием на сигналите од камионот, при што на камионот се поставени три микро бит уреди. Едниот ја мери надворешната температура и го предупредува возачот за ниската температура со звучен сигнал и палење на светло. Вториот при удар испушта звучен сигнал и пали две лед диоди, додека третиот микро бит уред при голем потрес или удар испраќа сигнал за помош. Со намалување на дневната светлина ги пали лед диодите на микробит уредот. Со помош на микробит уредите, кои се потпираат на сензори, овој информационен систем му помага на возилото во несоодветни услови, предупредува на опасност од удари и обезбедува контрола над возилото и возачот во случај на опасност“, вели еден од учениците.

Прочитајте и...  Денес е петок 13, еве што не смее да правите

Натпреварот се одржа во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан, што е во организација на Британскиот совет.  Претставници на нашата земја освен тројцата ученици од Прилеп, беа и четворица од основното училиште „Св. Кирил и Методиј” од Скопје.

Инаку, првото место на овој меѓународен настан го освои тим од Босна и Херцеговина, чии членови Ана-Марија Тодоровиќ и Немања Рикиќ го претставија проектот за паметна куќа управувана од сензори и поврзана со мобилна апликација. Македонските основци го поделија второто место со тим од Косово, додека третото место му припадна на тим од Црна Гора.

Според организаторите на регионалниот натпревар, Британскиот совет за Западен Балкан, проектите на училиштата беа дел од пилот-фазата на програмата што се имплементираше во изминатите две години. Со инвестицијата од 10 милиони фунти од Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, сега сите училишта во Западен Балкан имаат свои микро бит уреди. На овој начин, Британскиот совет ќе овозможи милиони ученици да стекнат нови дигитални вештини, како и вештини за критичко размислување и решавање проблеми што ги бараат модерните работодавци.

Прочитајте и...  Лора повторно пpoоде: Чудо за Велигден во Лесновскиот манастир

Натпреварот е дел од програмата „Училишта на 21 век”, што ја спроведува Британскиот совет, во соработка со релевантните министерства и институции од областа на образованието. Програмата опфаќа над 4.000 училишта во регионот за кои обезбедува ресурси, алатки и тренинг за сите ученици да добијат можност да се стекнат со вештини на иднината.

Програмата ги поврзува сите ученици од земјите од Западен Балкан на заедничка платформа со 10 водечки светски земји во областа на математиката и науката.

Најпопуларно


To Top