Македонија

Пендаровски: Да им дадеме само шанса, простор, време и ресурси на овие млади умови

Триесетина студенти од неколку различни факултети на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска, во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ ги презентираа своите иновативни проекти реализирани од студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere INNO SAE.

На презентацијата присуствуваа Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски.

„Идејата на ИНОФЕИТ е да овозможи потесна соработка на образовните институции и компаниите. Овој настан е мал придонес во овој правец на развивање иновативни идеи од студенти од различни факултети на УКИМ. Исто така, како факултети, неопходно е да се трансформираме и да бидеме на располагање на општеството и економијата со нови технолошки решенија. Во ИНОФЕИТ имаме 25 истражувачи и сакаме да ги вклучиме младите студенти да изучуваат и креираат иновации“ , порача деканот на ФЕИТ, Ташковски.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање, истакнувајќи дека ретко се среќава ваква меѓу-институционална и меѓуфакултетска соработка, нагласи дека ваков интердисциплинарен пристап е попродуктивен. Порача дека на овој пионерски потфат треба да се угледаат и други универзитети од целата држава.

Прочитајте и...  Дебарските сточари го истураат млекото на улица, како револт против изолација: 1,5 тони нема каде да однесеме

„Да им дадеме само шанса, простор, време и ресурси на овие млади умови и само треба да ги следиме, ништо повеќе од тоа“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот се осврна и на политиката на државата кон образованието и кон науката и оцени дека како држава недозволено малку одвојуваме за образованието, а уште полошо стоиме во однос на одвојувањето средства од буџетот наменети за истражување и развој.

Студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019) е иницијатива на ИНОФЕИТ за демонстрација на иновативниот капацитет на студентите на УКИМ. Следејќи ги основните начела на програмата, оригинални и иновативни идеи и напредни решенија, беа селектирани 7 интердисциплинарни тимови на студенти на УКИМ.

Во тимовите учествуваа студенти од Факултет за електротехника и информациски технологии, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Архитектонски факултет, Економски факултет, Фармацевтски факултет, Филозовски факултет и Факултет за земјоделски науки и храна.

Студентите развиваа различни апликации, како што се Place to GO која овозможува брз и ефикасен преглед на локации од интерес за корисникот со можност за резервации на маси. Потоа, SMART-ORDERS е апликација за олеснување на ресторанско работење со генерирање уникатни QR кодови за нарачување од страна на корисниците. Smart Extractor е комплетно автоматизирано решение за екстракција на етерични масла чија функција се базира на дестилација под водена пареа. Апликацијата SMMEF е ефикасно и евтино сензорско решение за набљудување на протокот на вода во домот кое може да се интегрира во комплетно IoT решение за паметен дом. e-TT е веб базирана платформа која нуди лесна и едноставна комуникација на клиентите со стручни психолози, коишто ќе можат да им обезбедат психолошко онлајн советување. A.D.A е IoT решение за набљудување на амбиентални параметри кај лозови насади кое може да го олесни одгледувањето на квалитетно грозје заради поддршка на процесот на производство на квалитетно вино. И на крајот, MacSign е систем за двонасочна комуникација кој овозможува конверзија на македонски текст во македонски знаковен јазик и обратно.

Најпопуларно


To Top