Македонија

Промоција на збирка поезија „Здобол во злодоба“

Младата писателка Кристина Павлеска од Кичево ја напиша својата прва збирка поезија “Здобол во злодоба”, а книгата е реализирана од страна на издавачката куќа ВОСТОК од Битола. Промоцијата на книгата е на 9 март 2019 (сабота) во домот на култура Кочо Рацин- Кичево. Веруваме дека има што да слушнете и ќе останете воодушевени од нејзините зборови. Посетете ја промоцијата и набавете си го вашиот примерок од нејзината збирка поезија. Ве очекуваме таму.

Линк до настанот

Во продолжение прочитајте два извадоци од нејзината збирка.

Припаѓање

Најтоплото место на светот е чувство.
Најтоплото место на светот е припаѓање.
Како кога нечии очи ти се толку твое небо што им ги знаеш сите соѕвездија
и секогаш на полноќ низ сон со намиг ти протрчуваат
ко самовили по ливаѓе, ко дечиња на снег
Како кога нечие лице ти е толку присутно на дланките што му ја знаеш секоја лузна, секое лутење, секој смев
ко скроз одличен што знае песничка за домашна
Како кога нечија душа ти е толку близок дом што низ неа можеш да живееш и со врзани очи
ко што си знаеш дома по темница да си најдеш што ти треба
ко припаѓање
Како кога нечија адреса ти е толку поим за дестинација што е на крајот од сите твои патувања
и на секое влегување в такси кришум ја шепотиш
и при секое возење полека тивко ја поминуваш
и на сите шалтери купуваш карта за кон таму
и на влезот на сите наредни животи
и на работ на сите наредни светови
кога ќе прашаат „каде?“, ќе ја кажеш истата
таму кај што припаѓаш, кај што ја знаеш и темницата.

Прочитајте и...  Еден од починатите во Куманово е полицаец, вчера дознал дека има коронавирус

Маски

Ај да одмориме малце од театар и костими
попрцелани, пластики и лажни улоги
Одмори ме.
Џабе имаш убаво лице ако е без насмевка
Џабе ти се фантазија очите ако се без храброст
Џабе ти е силен глас ако се зборови без смисла џабе имаш широки гради ако ти е душа без вредност
џабе ти боли лепотата ако ти плаче срцето
Лошо ти стои
Имаш кукли без маана ама фиктивни до параноја
Лошо ти стои се.
Пластични нокти и раце празни допири
Чисти лица и валкана совест
Високи штикли и скршен принцип
Претерано себе сакање со скриен комплекс
Скапи кармини и евтини усни
Куклиња лични.
Лошо ти стои се.

Најпопуларно


To Top