Текстови и колумни

Прозорците дуваат скапо е да реновираш, ама зимава бевме на скијање во Банско…

Станот од родителите на тато, а мебелот од родителите на мама, поклон за свадбата. Не е многу комотен, 70 квадрати, ама имаме нешто свое.
Казанчето тече, ама кој ќе бара мајстор и којзнае колку ќе земе. И вратата од бањата е скапна и црвосана, нормално, купена пред 30 години од првиот газда на станот. И прозорците се од тогаш ама не дуваат многу, се крпи некако, скапо е да реновираш, немаме стандард, катастрофа од држава сме.
Вчера бевме во Солун, мама си бендиса една бунда од 200 евра, ја купивме, па еднаш се живее. На ќере и купивме фармерки од 100 евра и кошула од 50 евра, исти како на мама, леле ќе пукнат од мака кога ќе го видат сторито на инстаграм со хаштаг #likemotherlikedaughter. Тато и синко строго се облекуваме во поло и лакоста. Кога излегуваме сите сме усогласени во стилот и бојата, како оние славнине на инстаграм сме, башка ако не види Сергеј можда ќе не има на телевизија.
Денес пак јадевме надвор, на шпоретот работи само малата рингла, другите се расипани, мајстор е изгор, аздисале, ќе буцне со фазомерот овде онде и дај петстотче, е да бе глупи сме ние брат ти да не крадеш. Да се купи нов уште поскапо, ем не се квалитетни, ќе се расипе за некој месец. Претежно вечераме по ресторани, сигурно имаш видено, стално се чекираме на фејсбук, плус кај се исплати да готвиш, вечера за четворица е максимум две иљадарчиња да се утепаш од јадење, живо џабе, кај се намирници, струја, мачењето.
И од кровот тече малце ама па што има ние први да скокаме, другиве станари нека го средат. А многу се безобразни, лани ни побараа за поправка на лифтот исто како на другите, а ние живееме на 1ви, најмалце го користиме, нека си платат тие од 6ти, 7ми што имаат мака. И чистачката во влезот е безобразна, ѓубрето ни стои пред врата недела дена и нејќе да го фрли, што се замислува бе таа, за тие 300ден што и ги плаќаме треба и дома да ни подзачисти. За на работа и роднини да не ти кажувам, абе малце да кренеш глава и не можат да те поднесат од љубомора.
Дома ни е троа незачистено, ама леле како се шминка мама, ајлајнерот го става беспрекорно, карминот малце и е излезен од линиите ама тоа дека има тазе филери па не и е навикната раката. Иначе мама сака, ама не може да чисти, и се лупи гел лакот од доместосот и кива од прашината, башка не може и на работа и дома и деца, па и мама има душа. Едвај чекаме во недела да дојде чистачката, оти змии и лебарки ќе почнат да излегуваат.
Зимава бевме на скијање во Банско, се испотрошивме, облека и опрема за скијање, хотел, едно друго. Не скијаме многу, децата на санка, онака колку да излеземе на чист воздух, ама па срамота е да се шеташ во фармерки и обична јакна таму. И секој ден во хотелот не се јаде, здосадува, да смени човек троа, ќе излезеш на вечера, на коктелче…
Лани бевме на летување во хотел со 5 ѕвезди, петсто евра вечер за четворица, доручек и вечера. Морето викаат убаво било, ние не го видовме, се бањавме во базените, какви беа не знаете, абе фантазија. Имаше и фитнес во хотелот, панорамски лифт, сауна… Еден пријател ни среди во една агенција со попуст, живо џабе. Мора човек да одмори бе баце, цела година работиме, стресови, ич не ни е лесно, во државно сме, еден роднина и од партија средија, ама не не штедат, маста ни ја извадија и пак не стигаат парите, на крај на месец старите праќаат некој денар, а не дека тераме некои луксузи, стисни ваму стисни таму, пак не стига.
Годинава ако ја продадеме нивата на дедо, планираме пак на истото место, па во септември ќере почнува прваче, во приватно школо ќе ја запишеме на исто место да се со синко. Башка друго е, приватно си е приватно. Малце е далеку ама тато ќе ги носи со новата кола од работа, и бензин му плаќаат, па што, кога можат другиве да користат, може и тато.
Дома многу ни е тивко, децата се со телефони и таблети во раце цело време, ние исто со телефоните седиме да не ги вознемириме па да почнат да ни скокаат на глава, абе мува да помине се слуша, комшиите еднаш се немаат пожалено на галама. Нејќат надвор да си играат со други деца. Не сме ги однесле ама сме ги прашале, нејќат да чујат. А и што ќар ќе имаат од мижаница и брканица, ќе научат пцовки и којзнае уште што, вака фино воспитани деца не се со секој да ги пуштиш. Ги носиме само со децата на директорот да си играт, многу се богати, а и нас ни оди муабетот.

Прочитајте и...  „САМ“ - поема

Станот од родителите на тато, а мебелот од родителите на мама, поклон за свадбата. Не е многу комотен, 70 квадрати, ама…

Gepostet von Leyla Ibraimoska am Donnerstag, 28. Februar 2019

Автор: Лејла Ибраимоска

Доколку сакате да објавиме ваш текст или колумна, пратете ни на нашиот мејл: [email protected]

Најпопуларно


To Top