Првачињата не знаат да зборуваат, едно дете не знае како се вика мајка му

Учителка од Србија го сподели своето искуство за одделението кое го презела на 2 септември. Според нејзиното пишување, таа е шокирана од новата генерација ученици. Децата се убави, со големи, широки насмевки, но многумина од нив не изговараат некои букви.

„Ги примив првачињата пред пет дена. Слатки, весели, беззаби, со широки насмевки. Секогаш им се радувам на првачињата. Но, мора да признаам дека оваа година сум изненадена. Да не речам – шокирана! Поголемиот дел од децата не можат да изговорат некои гласови, а неколку и повеќе. Родителите не водат грижа за децата. Но, затоа им купуваат ‘смарт часовници’ и патики кои не смеат да ги извалкаат бидејќи: Учителке, избриши ми ги патиките, тато ќе ме убие ако види дека се валкани, многу пари даде за нив!

Најдете време за своите деца. Не дозволувајте мајчиниот јазик да го учат од цртани филмови и да ги повторуваат речениците што ги слушаат на телевизија или на компјутер. Таблет не е начин на растење. Досега не ми се случило децата да не знаат што значи молив! Не ми се случило да не знаат што значи да се повлече линија од – до!

Тројца ученици не го знаат своето презиме. А еден од нив не знае како е вистинското име на мајка му. Вели дека сите ја викаат Беба. А родителите викаат: Тој (таа) знае се! А мене ми е слатко што не зборува ‘чисто’. Има време, ќе научи! На седум години игра фудбал, оди на часови по англиски, а не знае да говори на мајчин јазик и не знае да врзе врвки на патиките.

Уживајте во своите деца. Тие се прекрасни, само уште родителите да го сфатат тоа.“

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.