Текстови и колумни

Рецензија: „Записи“ – најновата книга на една млада авторка која ќе ја прочитате во еден здив

1. Кога се пишува вдахновено – сè е толку поубедливо!

Да се навлезе во суштината на книга како што е оваа, со „обичен“ наслов „Записи“ чиј автор е Јована Јаневска, уште веднаш ќе се насети дека во неа, сепак, не е сè толку „едноставно и вообичаено“. Напротив. Станува збор за сложени теми, умешно пренесени, а по прочитот, и самите како да сме пропатувале низ духовните патешествија и предизвици на авторката, која сето тоа искрено ни ги понудува како раскажувач, но и како поет, како новинар, но и како хроничар, како оратор, но и како регистратор на актуелни збиднувања, како патописец, но и како истражувач. Сè во едно собрано, успева да создаде компактна целина од себеси, зашто си поставила задача да го регистрира, но и да го скроти немирот во себе и околу себе, за да го препее своето време, нашево секојдневје што го живееме. Тоа го прави доживеано, низ прозни и поетски белешки, изнедрувајќи вдахновение од сопствените извори и пуштајќи ги штедро и несебично да потечат до жедта на читателот. Отворено, без воздржување и, условно, ако ја поставиме пред некаков „суд“ ќе ја „осудиме“ за искреност, но и ќе ѝ се одушевиме на доблест на нештата да им се пријдува храбро, дури и пркосно, бунтовно, но и достоинствено, без заобиколување. Притоа, и сами ќе се преселиме во улогата на обичните луѓе и, одеднаш, ќе почувствуваме дека Јована Јаневска, преку записите, веќе ни станала блиска. Притоа ќе посакаме да ни биде пријател и заштитник, а и нема да се посомневаме дека тоа може да се случи. Зашто, својата блискост ни ја пренесува убедливо, отворајќи си ја широко душата која не може, а да не се насети дека ја има на претек.

Читајќи ги „Записи“ од Јована Јаневска, ќе си помислиме дека пред себе имаме лекар и психолог, говорник и советодавач, хуманист и добротвор, исцелител и филозоф, но и другар и закрилник. Некој кој умее да нè сфати и да ни се отвори, да осуди и да пресуди, да биде бунтовник, (но не без причина!), туку со аргументи и докази, така што во ниеден момент нема да се посомневаме во добрите намери кои несебично ни ги открива. Притоа, од малите и запоставени луѓе, ќе создаде впечатливи ликови кои, (соочувајќи се со нивните животни судбини), ќе ги прогласите за свои јунаци, бидејќи ѝ успеало одвнатре да ни ги преслика и да им ги изнуди душевните превирања.

Прочитајте и...  Погледи

2. Нијансите –трогателни слики од животот

Она што си го замислила Јована Јаневска да го реализира во својата книга, тоа и го остварува, а како предимство ја има и младоста. Родена е „само“ 1996 година во Скопје, а сега е студент на Медицинскиот факултет со што, впечаток е дека, всушност, ја одбрала онаа професија на која ѝ припаѓа и која ќе ја издигне во животот. Но тоа е едната страна на гледањето на нештата. А другата е – вдахновената и творечката која на преубав начин ја усогласува со првата и во која, исто така, е убедлива и може многу да изнедри не само од себе, туку и за себе, како интимна преокупација. Само на тој начин ќе го скроти својот немир, понудувајќи им го и на другите, на оние што се блиску, а и подалеку од неа, како консументи, како читатели. Тоа веќе и го најави уште со првиот роман „Малата музичка кутија“ 2017 г, преку кој ни ја постави на увид својата надареност како раскажувач, а сега, со овие „Записи“, уште повеќе се допотврдува дека е на убав и убедлив почеток и од неа допрва ќе ни доаѓаат нови наслови. Ќе бидат тоа авторски дострели, затоа што умее да им пристапи на темите од оној агол од кој обичните посматрачи не можат нештата да ги видат и да ги доживеат. Иако ги има на секој чекор во нашево „превртено време“, па оттука можеби затоа и човештвото рамнодушно преминува преку разни судбини. Токму од нив оваа млада прозаистка, но и поетеса, со фотографска умешност знае да создаде трогателни слики од животот, преку нијанси што ќе возбудат и што ќе го најават нејзиниот Божји благослов кој се има или се нема, а ако веќе го поседуваш, треба да научиш како да го применуваш во животот. Јована Јаневска тоа го умее и е на добар пат сè да регистрира и да прераскаже, да приопшти и да запише, на раскажувачки или поетски, но и на репортерски или новинарски начин, сеедно.

Сите овие карактеристики, не може, а да не се забележат во овие „Записи“ кои наместа ќе блеснат дури и со неверојатни нијанси затоа што на Јована Јаневска, преку разбирање и сочувствување со „малите и отфрлените“, ѝ успева да открива длабочини во туѓите светови, но и да ги скротува нивните понори во душата, да нурне длабоко во нив и да предизвика бранови пред кои читателот нема да остане рамнодушен. Едноставно, да раскопа и да ги разбуричка оние извори кои ќе  ги пренесе и кај читателот. Но и, се разбира, безусловно, ќе ѝ поверуваме на она што ни го посочува како секојдневна слика од животот, но и како колективна совест на сето човештво.

Прочитајте и...  Бришејќи ги трагите од љубовта

3. Во секој циклус -своја на своето

Книгата „Записи“ од Јована Јаневска не се прераскажува, туку се доживува и не е стационирана само на една тема, туку опфаќа широк мотивски дијапазон и самата по себе е поделена на четири циклуса. Во секој од нив, таа е своја на своето и мошне прифатливо ни го приопштува за да не подзамисли, да се преиспитаме и, безусловно, да се согласиме и да ја застапуваме нејзината страна. Со проза или поезија се јавува од своите патешествија во Германија, Италија, од Јадранот.. каде што запознава необични ликови со потресни животни приказни, со разни судбини пред кои не се останува рамнодушен. На тој начин го имаме и светот на дланка, но, за жал, многу повеќе со страдања и неправди. Својот бунтовнички дух Јована Јаневска го искажува и преку текстови од ораторски збиднувања со кои „стрела“ во суштината на нештата.

Првиот циклус обнасловен како „Клаус од ресторанот“ обработува записи-бисери од необични душевни „застранувања“, судбини кои во никој случај нема да не остават невџашени. Не само како неочекувани душевни растројства, туку и од начинот на кој им се пристапува за да добијат книжевна вредност.

Вториот циклус „Пукнатина меѓу денот и ноќта“, всушност, е поетски во кој Јована Јаневска се потврдува и како поетеса преку  метафори, успевајќи доживеано да ја погоди целта и да потврди дека и поезијата не и е туѓа. Преку песните пишувани на „разни страни“ ќе ни ги допре чувствата на стихуван начин да ги препее и да ги искаже своите нескротливи бунтови кои, очигледно, кај неа се мошне изразени.

Во третиот циклус „Етика на емоциите“ кој, главно, е врзан со здравството, Јована Јаневска е на свој простор со емотивни записи од болничките ходници. Но и со непремолчан протест дека психијатријата е заборавен кварт на македонското здравство. Оттука, исказите се потресни и бараат, како општествен проблем, внимателно да се разгледуваат. 

Прочитајте и...  Најдобар

Во четвртиот, „Меѓу звукот и тишината“, ќе се испроба и како хроничар преку хронологија за живописието и знаменитостите на бујната Матка. Тука, бездруго, ѝ е неизбежниот одглас на детството, ехото на спомените од кои, оправдано, не може да се одлепи. Затоа и успеала да расчепка по архиви и подзаборавени книги, покажувајќи дека е зналец и преполна со љубов за овој реон, кој е непосредно до Скопје, но, сепак, уште на повозвишен простор. Онаа бучна и пенлива Матка со водите на реката Треска, онаа Матка која е „светост и религија“ за Јована Јаневска. Таква е со бројните цркви и хидроцентралата, со недопрената природа. Немам намера во детали да го анализирам секој циклус, туку само за да ја заскокоткам љубопитноста на читателот, да предизвикам прочит, но и почит, зашто овие „Записи“, со својот ѕвонлив говор, тоа и го заслужуваат, а  Јована Јаневска, на тој начин и успева да си ја реализира својата замисла. Затоа и ќе ја поддржиме на стартот од нејзиното раскошно патешествие по кое со крената глава ќе чекори низ животот. Тој пат ќе го изодува онака како што се сонува, а со оглед на тоа дека е бодра и млада, сигурен сум дека ќе си го реализира сонот. Притоа, патувајќи, ќе биде поздравувана од некои нови генерации што ќе доаѓаат. Ќе опстојува и во медицината, но и во творештвото, онака како што и самиот ја гледам во нејзиниве „Записи“ и во ова „пандемиско“ време-невреме на месец март од двеилјади и дваесеттата година од овој век. Познавајќи ја, сигурен сум дека има моќ пред ниедна препрека да не се предава, да помогне и во медицината, но и преку своето вдахновено творештво. Тоа ќе го може. Ќе побарам и од читателите да ми се придружат во вербата во Јована Јаневска. Со овие „Записи“ на прекрасен начин си ја пресоздава својата творечки интима. Нам ни останува да ја проследиме низ годините што ќе доаѓаат.

Најпопуларно

To Top