Наука

Русија планира да вади руда на Месечината

Русија планира во периодот од 2031 до 2035 година да префрли на Месечината четири автоматски вселенски апарати, соопшти за РИА „Новости” извор од руската ракетно-космичка индустрија.

„Станицата „Луна-30“ ќе префрли на површината на Месечината лунарен брод за повеќекратно користење чија задача е давање поддршка на мисиите со екипаж. Станица „Луна-31“ на Месечината ќе префрли тежок лунарен модул со маса до пет тони, опремен со неопходните средства за експлоатација на ресурсите на Месечината“, објасни соговорникот на агенцијата.

Освен тоа, станицата „Луна-32” на Земјиниот сателит ќе префрли тешки модули со маса до шест тони за изградба на полигон на Месечината, а лансирањето на орбиталниот апарат „Луна-33“ ќе ги обезбеди комуникациските врски и навигацијата, додаде изворот за РИА „Новости”.

Руската лунарна програма

Како што соопшти генералниот директор на „Роскосмос” Дмитриј Рогозин, планирано е 2021 година на Месечината да биде испратена станицата „Луна-25”, 2023 година орбиталниот апарат „Луна-26”, а уште по година дена станицата „Луна-27”.

„Луна-25” ќе бара воден мраз на јужниот пол на Земјиниот сателит, а исто така ќе тестира технологија за меко слетување. Тоа ќе биде прва руска мисија по 40-годишна пауза. Имено, последната советска станица „Луна-24” е лансирана 1976 година.

Прочитајте и...  5 чудни околности во врска со катастрофата во Чернобил

Орбиталниот апарат „Луна-26”, од друга страна, треба да изведе картографирање и далечинско истражување на површината на Земјиниот сателит, додека површинската станица „Луна-27” ќе земе примероци за проучување на почвата на јужниот пол на Месечината.

Во 2027 година е планирано на Месечината да се испрати станицата „Луна-28” која на Земјата треба да врати криогени примероци од почвата од јужниот пол на природниот сателит на Земјата, а 2028 година ќе биде испратена „Луна-29” со лунарен модул.

Според информацијата од Централниот научноистражувачки институт за машиноградба во состав на „Роскосмос”, првата руска експедиција со екипаж на Месечината би требало да биде лансирана 2031 година, а потоа е планирано вакви летови да се организираат еднаш годишно.

Извор: Russia Beyond

Најпопуларно


To Top