Текстови и колумни

Секој од нас е херој на сопствениот живот

fearless girl

Животот не беше совршен за мене. Цело време ме рануваше и ме погодуваше таму каде што боли најмногу. Чувствував болка, страв, горчина. Чувствував омраза. Една искра во моето срце распламнуваше од почеток, повторно и повторно, секогаш кога ќе ме заболеше најсилно. Постарите рекле “се е сурово”. Како растам, повеќе го разбирам значењето на оваа реченица. Постојат многу работи кои знаат да не заболат до сржта на нашите души, но постојат и многу убави работи кои се случуваат на овој свет. Еднаш го слушнав и ова: “Животот е многу убав, ако знаеш како да го живееш.” Да, точно! Убав е! Но дали од нас зависи се што се случува? Дали ние сме тие кои држат контрола за се во нашите животи? Секако дека НЕ! Гости. Ние сме само гости на овој свет. Зарем ние можеме да ја контролираме болеста? Зарем можеме да му наредиме на срцето да не се заљуби погрешно? Да ја искорениме сиромаштијата? Или пак да ја спречиме смртта? Не, не! Гости сме! Само гости. Како ќе каже домаќинот, така ќе одиграме. Животот сепак е поставен како на терезија. Едно лошо за едно добро. Или пак пет добра за едно лошо и обратно. Сето тоа зависно од тежината на самото дело. Иако сум млада, животот ме прегази и изгази многу пати. Ме расплака, ме згрози, ме натажи и ме налути. Но истиот тој живот и ме насмеа, ме направи среќна и ме расположи безброј пати. Ми даде утеха, љубов, поддршка и пријатели. Велат дека сѐ се случувало со причина. Немам одговор за тоа, бидејќи за многу нешта што ги преживеав јас неможам да ја најдам причината, иако последицата ме удрила во глава. Сепак се држам. Силна сум! Не се давам! Поминав и покрај милион солзи, поминав покрај смртта која ме скрши. Чувстувам празнина. Недостиг на близок човек кој веќе никогаш нема да го видам, но сепак, на нозе сум. Цврсто на земјата. И да, силна сум. И само кога ќе помислам дека дошол крајот на светот, дека се потонало, тогаш си повторувам тивко, но одлучно во себе: ТИ СИ ХЕРОЈ ШТОМ СТИГНА ДО ОВДЕ! ТИ СИ ЧОВЕК! ТИ СИ ХЕРОЈ!

Прочитајте и...  Здраво на вистината (поема)

Пишува Сања Симјаноска

Најпопуларно


To Top