Селдин Салиу има 15 години. Доаѓа од Ростуше. Тој е шампион во уметничко лизгање на Италија и Европски шампион во категорија кадети а вечерва ќе го има првиот натпревар под знамето на Македонија!

Тој можеби е единственото дете од Македонија што професионално се натпреварува во уметничко лизгање. Неговите родители Алисан и Сумеја Салиу дошле во Италија од селото Требиште, општина Маврово-Ростуше, а Селдин имал само шест месеци кога стигнале во италијанското гратче Фелтре на северот од Италија каде што се родил и брат му Лиман.

За разлика од своите врсници во селото Требиште, кои се лизгаат на мразот само за забава, младиот Селдин Салиу лизга како вистински професионалец. Неговото лизгање е повеќе од забава, тоа е уметност. Селдин, или како што го викаат другарите Селдо, досега освоил неколку награди во натпреварувањата во уметничко лизгање во Италија. Неговите родители се гордеат што тој е виртуоз на лизгалиштата во Италија. Се сеќаваат на неговите скромни почетоци.

Започна кога имаше пет и пол години со учество на еден мал курс организиран од градинката и од актуелната спортска екипа во уметничко лизгање. Веднаш го засака овој спорт и од тогаш не престана да лизга – вели таткото Алисан.

Тој вели дека уметничкото лизгање е спорт што е најмногу застапен во северна Италија, но на шега вели дека повеќе го сакаат девојчињата отколку момчињата. Селдин е еден од ретките. Тој ги откри своите амбиции и соништа:

Мојот сон е еден ден да станам светски шампион. Секој ден нестрпливо чекам да си дојдам од училиште и да одам на тренинг каде што секојдневно учам некој нов скок – вели малиот Селдо.

Во Македонија, освен блиските роднини и пријателите, безмалку никој не знае дека Селдо е вистински шампион. Неколкупати се качил на шампионскиот пиедестал освојувајќи прво место на натпреварувањата, но најдрага му е една неодамнешна победа.

Посебно драг ми е последниот натпревар во местото Kлаут во близина на Венеција. Успеав да го надминам мојот ривал, кој го чуваше првото место подолг период и наместо него, јас се качив највисоко на подиумот – вели Селдо.

Непознат за македонските медиуми тој во Италија досега неколкупати се нашол на страниците во тамошните весници. Дека е вистински талент потврдува и Иларија Давере, некогашен национален шампион на Италија, а сега актуелен тренер во уметничко лизгање.

Селдин е дете со голем интерес за овој спорт. Секојдневно вложува голем труд, а тоа го потврдуваат и неговите добри резултати. Се надевам дека ќе продолжи со овој ритам, упорност и посветеност со цел да влезе во националната екипа на Италија и да се натпреварува на највисоки нивоа во целиот свет – вели Давере.

извор Балкон3

Прочитајте и...  Разубавено дојранското крајбрежје на креативен начин
Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде