Што ни се сервира за доручек, ручек и вечера?!

Имаме некаква или пристојна работа, се обидуваме да се задоволиме со приходите и животот кој ни се случува, ни се случуваат настани, имаме пријатели, семејство и до тука некаде приказната изгледа сосема во ред.

stress management 1

Сепак, и покрај таквата приказна, нештата во реалноста не се како што ги очекуваме или како што читаме по статиите на интернет, или поретко, во некоја книга. Секоја чест на исклучоците кои ќе станат еден час порано за физички вежби, или на оние кои имаат барем некаков друг едночасовен ритуал кој можеби вклучува кафе, лимон, малку цимет, или некакво овошје. Најчесто тешко се будиме и го чекаме последниот момент, го одложуваме станувањето со копчето „снуз“ и секако, брзаме и трчаме кон автобусот или пеш додека чекориме на кај работа.

На работа секогаш има проблеми. Ако ја работиме совршената работа од вашите соништа, веројатно сакаме да сте повеќе платени, или истата се одразува на нашиот приватен живот. Патем, тешко е да се исклучиме од семејните проблеми и да не ги носиме со себе, затоа што сепак сме само една личност, со една глава и со едно тело.

Кога ќе дојдеме дома, семејните проблеми не изостануваат, партнерот или партнерката имаат барања, децата бараат грижа, а богами, и пријателите не сакаат да ги запоставиме.

Воедно, тешко е да се најде време за себе, а ако го имаме доволно тогаш и тоа претставува проблем – веројатно сме повеќе осамени.

Ете, не е никаква тајна дека за доручек, ручек и вечера ни се сервира најчесто стрес.

И работата и приватниот живот треба да причинуваат задоволство, но не можеме да избегаме од предизвиците кои и двете страни на таа една иста паричка (нашиот живот) ги носи. Животот бара да наоѓаме причини зошто да му се радуваме. И се’ има две страни, своја спротивност. Денот ја има ноќта, љубовта ја има омразата, пријателите – непријателите. Ние секогаш може да зјапаме во едната страна на нештата, но така никогаш нема да ја видиме големата слика.

Сепак, од нас зависи дали ќе ја јадеме чинијата полна стрес што ни се сервира или културно ќе кажеме сакаме да погледнеме во менито, од каде може да нарачаме нешто плус во комбинација за да го ублажиме истиот.

Наутро е тешко да се стане од кревет, но утринските ритуали ако ни прераснат во навика може да не’ преродат, работата носи проблеми, но и чувство на задоволство и исполнетост, партнерот има барања, но е наш сопатник, за децата треба да се грижиме, но тие се најубав дел од нашиот живот, пријателите ни го прават животот позабавен, а времето посветено на себе е скапоцено.

А стресот – она што ни простанува е да научиме да го амортизираме.

Канаѓанката

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.