Станува ли ножот дел од приборот што го носат еден дел од младите?

Мобилен телефон, паричник и некои други поситни работи, се чини, не се единственото нешто што дел од скопските младинци го носат со себе кога излегуваат надвор од дома, па дури и кога одат на училиште. Неколкуте тешки инциденти кои што се случија последниве дваесетина дена покажуваат дека во нивните џебови се почесто има и оружје – ножеви.
Минатата среда навечер, на пример, осумнаесетгодишното момче од Арачиново е рането во десното рамо откако било нападнато од друго, исто така, младо лице. Причината за нападот со остар предмет била неодамнешната расправија.
Пред осум дена 17-годишник бил нападнат на фреквентниот скопски булевар „Крсте Мисирков“. Напаѓачот, исто така, со остар предмет му нанел повреда на десната нога, а се уште не е познато кој е сторителот.
Пред нешто повеќе од две недели, познато е, се случи најтрагичната пресметка кога седумнаесетгодишното момче од Ново Лисиче било смртно прободено со нож во малолетничката расправија што се случила по полноќ во таа скопска населба.
Секако, ова е премногу и треба многу да ги загрижи сите кои што се занимаваат со сигурноста – и полицијата, и семејствата, и училиштата, и општините.

Преземањето на содржините (слики и текст) е дозволено само делумно со наведување на извор (хиперлинк) до содржината која се презема.