Филм & ТВ

Телевизиската серија „Зоки Поки“ ќе се емитува на МТВ

Македонската радио телевизија влегува во копродукција на претстојната ТВ-серија „Зоки Поки”. ТВ-серијата, чие снимање беше комплетирано месецов, е модерна екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, во режија на Александар Поповски и продукција на Роберт Насков и Кино Око, со поддршка на Агенцијата за филм.

Кога со Александар Поповски размислуваме за серијата ‘Зоки Поки’ секогаш идејата ни беше да се прикажува на Македонската телевизија. За серијата е многу важно што ја има Македонската радио телевизија за партнер кој не само што ќе ја емитува, туку и финасиски ја подржува. Местото на оваа серија е токму на оваа телевизија и драго ми е што на овој начин серијата ќе стигне до секој заинтересиран гледач во Македонија. Тоа е главната цел на секоја програма. Оваа соработка е во насока на добивање поголем квалитет на серијата. Посакувам заедно со Македонската радио телевизија да реализираме многу сезони од серијата ‘Зоки Поки’ на задоволство на сите гледачи во Македонија”, вели Роберт Насков.

Договорот за копродукција со Македонската радио телевизија е склучен по пат на учество на ТВ-проектот „Зоки Поки” на Јавен повик, којшто Македонската радио телевизија, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, го распишува по објавување на својата Годишна програма.

Култниот роман ‘Зоки Поки’ на Оливера Николова, создаден пред 56 години, ја докажа својата безвременска димензија. Без разлика на трансформацијата на информациското општество, на преминот во дигиталниот свет, оваа лектира остана најомиленото четиво. Публиката го сака ‘Зоки Поки’, а Јавниот сервис ѝ припаѓа на публиката”, велат од МРТ.

Денешниот „Зоки Поки” ќе биде современ, но вредностите и пораките проткаени низ неговите авантури ќе останат безвременски, со верба дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат.

Прочитајте и...  Заврши и продолжението на „Вил и Грејс“

Серијата „Зоки Поки” е финансирана и од Агенцијата за филм на Македонија.

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најпопуларно


To Top