Властимир Матиќ (67) своевремено беше југословенски репрезентативец во велосипедизам, а денеска е бездомник, спие под отворено небо во Белград, боледува од гангрена на двете нозе и со загубена надеж и волја за живот. Во ноември во 2017 година доживеа трагедија, остана без станот во белградската населба Раковица кој го проголта пожар, но и без сопругата Ана која притоа почина од гушење.

Матиќ од тогаш е сам, без кров над глава и со сериозни здравствени проблеми. Соседите неколку пати се понудиле да излезат во пресрет меѓутоа тој, во секоја прилика, одбивал подадена рака бидејќи не сака ничија помош.
За незавидната ситуација на Матиќ алармира белграѓанката Сандра Сантијаго која подели фотографии на Фејсбук од состојбата во која се наоѓа велосипедскиот репрезентативец на поранешна Југославија.
„Белграде, роднини и пријатели, каде ќе ви оди душата? – Властимир Матиќ, поранешен репрезентативец во велосипедизам, денеска е бездомник со гангрена на ногата. Надлежната служба не доаѓа на лице место бидејќи го познава. Поделете, можеби некој ќе му помогне“, напиша на Сантијаго на постот со фотографија од Матиќ.

Веста за трагичната судбина на поранешниот велосипедист ја објавија медиуми во сите екс ју држави, а хрватскиот весник „Јутарњи лист“ се прашува во каква состојба е ногата на Матиќ и ако навистина е во прашање гангрена, уште колку ќе може да издржи на улица.